Свет
Путин ќе отвори мост што ќе го поврзува Крим со Русија
Рускиот претседател, Владимир Путин, е прилично заинтересиран и инволвиран во изградбата на мостот што треба да го поврзе Крим со Русија со цел да ја намали сообраќајната изолација на полуостровот што Москва го присоедини кон руската територија во 2014 година.
Кримскиот мост ќе биде долг 19 километри и ќе се протега низ Кречкиот Проток, кој го дели Азовското Море од Црното и ќе го поврзува полуостровот Керч во Крим со полуостровот Таман на југот на Русија. Владимир Путин ќе ја пушти во промет делницата на мостот со четири коловозни ленти, по што ќе биде изграден и железничкиот дел со две пруги.
Изградбата на мостот започната во февруари 2016 година Русија му ја довери на милијардерот Аркадиј Ротенберг, кој му е партнер на Путин во џудо. Според уредбата објавена на владината интернет-страница, „Стројгазмонтаж“ треба да ја финишира изградбата на мостот до декември годинава по цена што не би требало да надмине 2,9 милијарди евра.
Но, за време на посетата во март, неколку дена пред победата на претседателските избори, Путин побара мостот да биде подготвен веќе месецов за да можат луѓето да го користат во текот на летото. Крим важи за популарна туристичка дестинација меѓу Русите, а руските туристи се еден од главните извори на приход за овој полуостров познат по плажите и планините што се ронат и распаѓаат во Црното Море.
„Мостот ќе биде отворен за автомобили и автобуси на 16 мај“, соопшти Кремљ, а возовите ќе почнат да сообраќаат кон крајот на 2019 година. Според Европскиот суд на правдата, пак, изградбата на мостот го поткопува територијалниот интегритет на Украина.
При посетата на градилиштето во март, Путин истакна дека последниот руски цар, Николај Втори, и Хитлер во Втората светска војна исто така сакале да изградат мост меѓу Крим и Русија, но првиот во намерата бил спречен од Првата светска војна, а вториот од жестоките бомбашки напади.
„Сепак, вие успеавте во тоа, што е навистина одлично“, им рече Путин на работниците во таа пригода. Мостот не е единствен од ваков тип само во нашата земја, туку и во светот, истакна рускиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува палестинското движење.
Ердоган синоќа ја потврди посетата, нивна прва средба лице в лице од јули 2023 година, но беше многу дискретен за нејзината цел. „Да ја зачуваме агендата за нас и господинот Ханија“, им рече тој на новинарите.
Ќе се разговара за војната во Појасот Газа, соопшти Хамас.
Ханија вчера вечерта пристигна во Истанбул на чело на делегацијата на неговото движење.
Тој град е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, тој бил таму само еднаш официјално, во јануари. Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор.
Фидан денеска ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана на страна во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.
Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога во застојот на разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници.
Свет
Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000
Најмалку 34.049 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се додава дека во овој период биле ранети 76.901 лице.
Во текот на претходните 24 часа загинаа 37 Палестинци, а 68 беа повредени, се наведува во објавата.
Регион
(Видео) Силно невреме со поплави во Грција, Волос без струја
Силно невреме ја зафати Грција, поточно Лариса, каде обилните дождови доведоа до излевање на канализацијата, која ги поплави улиците, а во Волос е забележан и прекин на струја.
Врз основа на податоците од метеоролошката станица на Националната опсерваторија во Атина, измерени се просечни 100 милиметри дожд или максимални 312 милиметри на час, поради што полицијата мораше да го прекине сообраќајот бидејќи улиците беа поплавени.
Во градот Волос во текот на ноќта имало проблеми со струјата, но како што пренесуваат грчките медиуми, се е брзо ставено под контрола.
Министерот за цивилна заштита и климатска криза Василис Кикилијас од вчера е во Тесалија за внимателно да го следи развојот на невремето.
– Имаше оправдана загриженост на граѓаните овде во Тесалија бидејќи сеќавањата за катастрофата се свежи, затоа бевме сите овде, координирани и организирани. Драго ми е затоа што досега овој напор се исплатеше. Само со заедничка и координирана работа можеме да добиеме многу добри резултати – најави тој.
Силен дожд и невреме го зафати јужниот дел на Пелион, а како што јавуваат медиумите паднал и град. Овој регион во септември минатата година беше соочен со разорни поплави.
Ненадејна промена на времето се случи и на големите височини во централна и северна Грција, каде падна снег.
„Снежно невреме е забележано во ски-центарот на Василица“, се наведува.
Во меѓувреме, населението е најмногу загрижено за земјиштето околу езерото Карла на границата на Магнезија и Лариса, кои беа поплавени во септември минатата година. Полињата, па дури и воените инсталации во Стефановики се под тони вода.