Свет
Разузнавањето на САД и во Сенатот тврди дека Русија стои зад хакерските напади
Само челниците на руската влада можеле да дадат наредби за вмешување во американските избори, се наведува во пишаниот исказ на разузнавачката заедница на САД за сослушувањето во четвртокот во Сенатот, потпишано заеднички од директорот на националната разузнавачка заедница Џејмс Клепер, заменикот министер за одбрана за разузнавање Марсел Летр и челникот на Агенцијата за национална безбедност и Кибернетичката команда на вооружените сили, адмиралот Мајкл Роџерс.
„Оценуваме дека само највисоките руски функционери можеле да ја одобрат таквата неодамнешна кражба и објавување на податоците поврзани со американските избори“, се наведува во изјавата во која се додава и дека таквите мислења произлегуваат од „големината и важноста на објектите на нападот“.,
Оценуваат и дека „Русија користела информатички постапки и методи за да влијае врз јавното мислење во Европа и во Евроазија“.
Истиот ваков заклучок американските разузнавачки служби го соопштија и во октомври минатата година. Во Русија, ваквите тврдења на Вашингтон досега повеќепати беа отфрлени, потсетува Associated Press и додава дека податоците од извештајот веќе му бил предаден на претседателот Барак Обама,
Директорот на американската разузнавачка служба Џејмс Клапер, кој ги координира 19-те разузнавачки агенции на САД, оцени во усниот исказ дека Русија „јасно заземала поагресивен став на информатичкото подрачје објавувајќи ги собраните податоци и удирајќи на клучните инфраструктурни мрежи“, пренесува AFP.
Разузнавачките служби ги разоткриле руските активности кои одат до тоа да ја „поткопаат довербата на јавноста во институциите и довербата во информирањето, службите и установите“, додаде Клапер.
Најави дека извештајот на разузнавањето за хакерските напади „ќе биде дистрибуиран на почетокот од следната седмица“. Според Клапер, при дистрибуцијата на извештајот на американското разузнавање „ќе го посвети должното внимание на заштитата на изворите и методите“, односно извештајот намерно нема да биде целосен.
Потврдил дека Централната разузнавачка агенција (CIA), Федерално биро за истраги (FBI) и на Националната агенција за безбедност (NSA) учествувале во подготовката на целосниот извештај на американската разузнавачка служба за хакерските напади кој ја опфаќа и Кина. Истакна дека сите тие агенции го споделуваат мислењето за наводната вмешаност на Русија, не само во компјутерските упади, туку и во ширењето преку интернет на лажните информации.
Клапер, исто така, изјави дека оцената за наводните мотиви на ваквите активности на Русија ќе бидат содржани во наредниот извештај.
„Да, ние ќе укажеме на одредена мотивираност“, одговори додавајќи дека не сакал натаму да навлегува во содржината на извештајот до неговото објавување.
На дополнителното прашање за тоа „како да се обесхрабри Русија во вмешувањето“ во политичките процеси во САД, Клапер одговори дека за тоа ќе стане збор во друг извештај. Самиот извештај ќе даде одговор на прашањата во однос на странските мешања во изборните во САД во последните неколку изборни циклуси, поставени од претседателот на заминување Барак Обама, додаде првиот човек на американската разузнавачка заедница, пренесува ТАСС.
Клапер истовремено рече и дека Кина и натаму „успешно води“ активности во рамките на информатичката шпионажа против американските интереси, иако разузнавачките агенции и приватните експерти „забележале извесно намалување на кинеските активности“, рече.
САД жестоко реагираа на кинеските кибернетички упади и во 2014 година подигнаа судски тужби за наводни хакирања и стопанска шпионажа против пет кинески воени функционери. Кинескиот претседател Кси Џинпинг во текот на официјалната посета на Вашингтон во септември 2015 година се договори со Барак Обама за соработка меѓу двете земји во борбата против информатичките напади./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ерменија се согласи да му врати на Азербејџан четири села во пограничната област
Портпаролот на азербејџанското Министерство за надворешни работи Ајкан Хаџизада соопшти дека Ерменија се согласила да му врати на Азербејџан четири села кои се наоѓаат на нивната заедничка граница.
„Како резултат на осмиот состанок на државните комисии за демаркација на државната граница меѓу Азербејџан и Ерменија, Ерменија се согласи да врати четири села во Азербејџан кои беа под окупација од почетокот на 1990-тите“, рече Хаџизада на социјалната мрежа Х.
Азербејџанските власти претходно изјавија дека враќањето на селото е неопходен услов за мировен договор што ќе стави крај на тридеценискиот конфликт меѓу двете земји, кои беа дел од Советскиот Сојуз.
Свет
Русија и Јордан предупредуваат на опасност од регионална ескалација
Русија вели дека имала контакт и со Израел и со нејзиниот сојузник Иран. Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија јасно му ставила до знаење на Израел дека „Иран не сака ескалација“ како дел од овие разговори.
Јордан, кој ја дели границата со Израел и одигра улога во одбивањето на иранските ракетни и дронови напади минатиот викенд, исто така предупреди на „опасноста од регионална ескалација“ и повика на прекин на израелско-иранската одмазда.
„Ги осудуваме сите дејствија кои се закануваат да го вовлечат регионот во војна“, рече јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади. Низ Персискиот Залив од Иран, Обединетите Арапски Емирати велат дека мора да се најдат значајни решенија за тековните спорови и кризи на Блискиот Исток.
Нејзиното министерство за надворешни работи, исто така, повикува конфликтите да се решаваат преку дијалог и дипломатски канали.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.