Свет
Раперот АСАП Роки останува во притвор во Шведска
Раперот АСАП Роки ќе остане уште шест дена во шведски затвор, додека полицијата ја заврши истрагата за тепачка во центарот на Стокхолм, објавија обвинителите во петок.
Роки, чие вистинско име е Раким Мајерс, се појави во Окружниот суд во Стокхолм во петокот откако беше уапсен на „можни основи за сериозен напад” на 3 јули. Судијата што го водеше случајот го уважил барањето на обвинителот Даниел Саннесон, Роки да биде задржан во притвор до 25 јули.
Двократниот кандидат за Греми беше уапсен заедно со уште тројца други луѓе еден ден по настапот на хип-хоп фестивалот „Смеш x Стадион“ во главниот град на Шведска.
Роки и членовите на неговата група, наводно, биле инволвирани во тепачка на 30 јуни, во која властите велат дека едно лице било претепано и исечено со скршено шише. Роки ги негираше обвинувањата за напад.
Пред неговото апсење, видео објавени на неговиот профил на Инстаграм покажува дека тој и членовите на неговата свита се расправале со две лица на улица, кажувајќи им на лицата да престанат да ги следат.
Додека еден телохранител беше ослободен без обвинение, судијата го продолжи притворот на Роки и двајца други соработници.
Ким Кардашијан-Вест, британскиот пејач Род Стјуарт и многу други истакнати личности јавно ја повикаа Шведска да го ослободи 30-годишниот американски рапер.
Кардашијан-Вест во твитер пост му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп и високите претставници од неговата администрација за обидот Роки да биде ослободен.
„НБС Њуз“ не ги потврдија тврдењата на Кардашијан Вест во врска со улогата на владата во овој случај.
Раперот мораше да откаже неколку концерти од неговата европска турнеја поради притворот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Дмитриј Песков: Москва се придржува до идејата на Путин за создавање тампон зона во Украина
Москва се придржува до идејата на рускиот претседател Владимир Путин за создавање тампон зона во Украина за заштита од оружје со долг дострел, изјави на прес-конференција портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Што се однесува до тоа, ништо не е променето“, рече тој одговарајќи на новинарско прашање, пренесе ТАСС.
Портпаролот на Кремљ додаде дека прашањето за борбата против оружјето со долг дострел доставено до Украина и потенцијалните напади врз областите во кои тие се концентрирани е „прилично во надлежност на вооружените сили“.
Свет
Евакуација на две села во Русија поради поплави, стабилнo во Удмуртија
Во областа Абат во руската област Тјумен во тек е евакуација на жителите на две села поради поплави, ситуацијата во Удмуртија се стабилизира, а водостоите на реките во тој руски регион се намалуваат, соопштија официјални лица.
Жителите на селата Назарово и Јурга во областа Тјумен се евакуираат со бродови, пренесе „Интерфакс“.
Официјални лица соопштија дека нивото на водата во реката Лоза во руската Удмуртска Република, која поплави 120 станбени области во регионалниот центар Игра, се намали речиси 120 сантиметри.
Свет
Авион со 200 луѓе слета во Јапонија, по слетувањето, почна да чади
Јапонскиот државен радиодифузен сервис NHK објави дека се издигнал чад од авионот на All Nippon Airways, кој денеска слета на аеродромот „Шин Читозе“ во Јапонија.
Летот 71 полета од аеродромот „Ханеда“ во Токио со 200 луѓе. Нема извештаи за повредени.
NHK јавува дека чадот, кој се гледал од пределот на крилата по слетувањето, исчезнал кога моторот престанал да работи. Причината за чадот може да биде истекување нафта, според NHK. Индикаторот во пилотската кабина покажа губење на притисокот на маслото во системот што го контролира авионот.
Една од двете писти на аеродромот „Читосе“ беше затворена по инцидентот.
Во јануари, авион на „Јапонија ерлајнс“ и авион на крајбрежната стража се судрија на аеродромот „Ханеда“ и се запалија. Сите 379 патници и членови на екипажот на JAL се евакуирани, но загинаа пет члена од авионот на крајбрежната стража.