Свет
Рохани подготвен да ѝ даде шанса на дипломатијата
Иранскиот претседател, Хасан Рохани, на настан во Техеран рече дека земјата е подготвена да ѝ даде шанса на дипломатијата откако неговиот министер за надворешни работи, Мохамед Зариф, го посети самитот Г7 во Бијариц, Франција, за да разговара за спасувањето на нуклеарниот договор од 2015 година.
Рохани рече дека иако Иран е подготвен да продолжи да ја развива својата нуклеарна програма како одговор на повторното воведување санкции од страна на САД, земјата ќе го прави тоа полека за да ѝ даде шанса на дипломатијата.
„Мора да си ја завршиме работата и да преземеме акции. Дури и ако шансите за успех не се 90 отсто, туку 20 или 10 отсто, мора да продолжиме со тоа. Не смееме да пропуштаме можности“, рече Рохани.
Неговите коментари следуваа по посетата на Зариф на Париз, а подоцна и Бијариц, каде што одржа разговори со францускиот претседател Емануел Макрон. Зариф ги опиша дискусиите како конструктивни.
Минатата недела Зариф за „Евроњуз“ изјави дека е среќен што Макрон го презеде водството во обидот да го спаси нуклеарниот договор од 2015 година, кој САД го напуштија минатата година.
„Претседателот Макрон се обидува да даде сè од себе“, рече тој. „Нашите партнери во Европа треба да донесат одлука, не за Иран, туку за тоа како сакаат да се справат со САД – дали сакаат да имаат независност или дали САД може да ја наметнат својата волја“.
Иако Иран неодамна почна со работа на својата програма за збогатување ураниум, која беше стопирана со договорот од 2015 година, Зариф рече дека работата е реверзибилна. Ова го повтори и Рохани, кој во неделата рече дека Иран намерно напредува бавно со цел да ѝ се даде шанса на дипломатијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.