Европа
Русија го осуди како терористички чин убиството на иранскиот нуклеарен физичар
Атентатот врз иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризад е терористички акт што претставува провокација за Иран, а Русија го осудува злосторството, изјави денеска директорот на Државната дума за надворешни работи, Леонид Слуцки.
„Убиството на иранскиот физичар Фахризад е терористички чин и провокација за Техеран. Многу е важно да се спречи ескалација на тензиите во регионот”, напиша рускиот пратеник на „Твитер“, а пренесе „Тасс“.
Слуцки истакна дека Русија го осудува убиството, „без разлика кој стои зад ова злосторство“.
„Изразуваме длабоко сочувство до Иран и семејството на Фахризад“, додаде тој.
Иранската агенција ИСНА објави дека началникот на иранскиот Генералштаб, Саид Абдолрахим Мусави, тврди оти Израел и САД стојат зад атентатот.
Иранскиот претседател Хасан Рохани уште вчера вети дека атентатот врз научникот нема да остане без одговор.
„Иран ќе даде одмерен и решителен одговор поради убиството на најдобриот државен нуклеарен научник Мохсен Фахризад“, изјави претходно советникот на Врховниот водач Али Хамнеи.
Некои весници во Техеран денес соопштија дека иранската одмазда „треба да вклучува напад врз израелскиот град Хаифа“.
Иранскиот министер за одбрана рече дека прво било пукано кон автомобилот на Фахризад, а кратко потоа експлодирал пикап-камион полн со експлозив на растојание од околу 15 до 20 метри. Набргу потоа, нуклеарниот физичар им подлегнал на повредите во болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.