Свет
Русија: Нема да работиме под ограничувања на цената на нафтата, дури и ако го намалиме производството
Русија нема да извезува нафта што е предмет на ограничување на цената наметната од Западот, дури и ако тоа значи намалување на производството, изјави Александар Новак, рускиот вицепремиер задолжен за енергетика.
„Работиме на механизми за забрана на употребата на инструментот за ограничување на цените, без разлика на нивото на кое е поставен, бидејќи таквото мешање може дополнително да го дестабилизира пазарот“, рече Новак.
„Русија нема да работи под ценовни ограничувања, дури и ако Москва мора да го намали производството“, нагласи тој.
Ограничувањето на цената од 60 долари за барел, идеја на Г7, има за цел да ги намали приходите на Русија од продажбата на нафта, истовремено спречувајќи го скокот на глобалните цени на нафтата откако ембаргото на ЕУ за руската сурова нафта стапува на сила на 5 декември.
Механизмот предвидува плафон од 60 долари за барел нафта што се продава на трети земји. Доколку нафтата се продава над 60 долари, ЕУ има забрана за обезбедување одредени услуги за руската нафта, вклучувајќи осигурување, финансирање и техничка помош.
Поради оваа одлука, руското производство на нафта би можело да се намали за 500 до 1 милион барели нафта дневно на почетокот на следната година, велат два извори од руската нафтена индустрија. Сепак, украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата рече дека ограничувањето на цената на руската нафта на 60 долари не е сериозно и тешко дека ќе ја одврати Русија од војната во Украина.
Андриј Јермак, шефот на администрацијата на Зеленски, претходно рече дека границата треба да се постави на 30 долари „за побрзо да се уништи непријателската економија“. Зеленски се пожали дека светот покажал слабост поставувајќи ја границата на 60 долари, што според него ќе го зголеми буџетот на Русија за 100 милијарди долари годишно.
„Овие пари ќе одат за дестабилизација на токму оние земји кои во моментов се обидуваат да избегнат сериозни одлуки“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден го потпиша законот: „Тик-ток“ има една година да најде нов сопственик или ќе биде целосно забранет во Америка
Американскиот претседател Џо Бајден потпиша закон што може да доведе до целосна забрана на „Тик-ток“ во САД, доколку „ByteDance“, кој е сопственик на „Тик-ток“, не го продаде својот удел во компанијата во рок од една година.
Портпаролот на „Тик-ток“, Алекс Хаурек, рече дека планираат да го оспорат овој закон на суд, што би можело дополнително да ги одложи роковите, доколку судот одлучи да го одложи спроведувањето на законот до конечната судска одлука.
Исто така, се поставува прашањето како Кина ќе реагира на оваа ситуација и дали ќе дозволи „ByteDance“ да го продава „Тик-ток“, а особено неговиот алгоритам кој ги задржува корисниците заинтересирани за апликацијата.
Директорот на „Тик-ток“, во видео порака го изразува своето незадоволство посочувајќи дека станува збор за потенцијална забрана која ќе влијае на корисниците на апликацијата и нивната слобода на говор.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.