Свет
Русија подготвена за обновување на соработката со САД во борбата против тероризмот и сајбер безбедноста
Русија е подготвена да ја обнови соработката со САД во безбедносните прашања, како што се борбата против тероризмот и кибернетичкиот криминал, изјави во понеделникот Николај Патрушев, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин и одговори на американските обвинувања за наводни руски хакерски напади дека Вашингтон го игнорира фактот дека главните интернет сервиси се на негова територија и оти можат нелегално да собираат информации.
Избраниот американски претседател републиканецот Доналд Трамп, кој неодамна за рускиот челник Владимир Путин изјави дека е „многу паметен“, нагласи дека сака да ги поправи односите со Русија, и покрај тоа што американските разузнавачки агенции водени од челници именувани од администрацијата на демократот Барак Обама, тврдат дека лично Путин ги наредил наводните хакерски напади за да ја дескредитира демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон. Тие тврдат дека целта на тоа било да им се помогне на Трамп и други републиканци, но Москва одлучно ги отфрла овие обвинувања.
Во интервјуто објавено во понеделникот, Николај Патрушев, секретар на рускиот национален Совет за безбедност, со кој претседава Путин, изнесе претпазливо внимателно мислење за шансите за соработка со Вашингтон по студениот однос во текот на администрацијата на претседателот на заминување Барак Обама, забележува Reuters.
„Доколку администрацијата на Доналд Трамп биде заинтересирана, ќе бидеме подготвени да ги продолжиме консултациите со нашите американски партнери во полн формат преку Советот за безбедност на Руската Федерација“, вели Патрушев во интервјуто за весникот Росискаја газета.
Меѓутоа, додава дека не очекува брзо подобрување на односите, ниту укинување на американските санкции против Русија, бидејќи односите во моментов се многу лоши.
Трамп во интервјуто за The Sunday Times објавено викендов рече дека ќе предложи укинување на санкциите против Русија наметнати поради присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим, што Западот го смета за нелегална руска анексија на украинска територија, доколку се согласи на договор за намалување на нуклеарното оружје.
Од Москва во понеделникот одговорија дека ќе почекаат Трамп формално да ја преземе должноста во петок, пред да дадат какви и да се коментари.
Патрушев, во истото интервју, се осврнува и на обвинувањата од САД за наводното руско мешање во американската изборна кампања и напади врз политички институции, потсетувајќи дека главните интернет сервери се наоѓаат на нивна територија што им овозможува неовластено собирање информации.
„Во последниот период регистрираме значително зголемување на обидите да се нанесат штети на руските информатички системи од страна на надворешни сили. Тоа е, исто така, случај на хакирање и неовластено собирање на лични податоци“, вели рускиот функционер.
„Широко се користат светските оператори и провајдери, а методите коишто се применуваат постојано се развиваат“, истакнува Патрушев.
„Администрацијата на Барак Обама неосновано ја обвинува Русија за хакерски напади, намерно игнорирајќи го фактот дека главните интернет сервери се лоциран на територијата на САД и се користат од Вашингтон во разузнавачки и други цели, со цел да ја зачуваат својата доминација во светот“, истакнува Патрушев./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Еди Рама оттурна новинарка, не му се допадна прашањето што му го постави
Албанскиот премиер Еди Рама за време на прес-конференцијата ја оттурна новинарката бидејќи, според локалните медиуми, не му се допаднало прашањето што таа му го поставила.
Како што пренесува „Газета 10“, Еди Рама ја турнал репортерката на телевизијата СИРИ откога таа му поставила прашање.
Наводно новинароката го прашала премиерот „зошто парите на албанските даночни обврзници одат во новото пристаниште, а во сегашното пристаниште Драч се продаваат станови на приватни инвеститори“.
По тоа, дошло до физички контакт, а сè се случило додека бил опкружен со новинарски екипи.
A disgusting, yet no surprising gesture of #Albania PM, @ediramaal harassing a female journalist today. pic.twitter.com/0DFuUOzDwX
— Xhemajl Rexha (@xhemajl_rexha) March 19, 2024
„Ве молам, не допирајте ме повеќе“, рекла новинарката додека Рама си заминувал по инцидентот, пренесува „Блиц“.
Свет
Во Мексико нападната шефицата на полицијата на автопат, ѝ ја отсекле главата
Мексиканските власти вчера објавија дека една шефица полицајка и нејзините двајца помошници биле убиени при напад на автопат во државата Мичоакан. Агенцијата за државна безбедност на социјалните мрежи објави дека тројца полицајци биле убиени за време на должноста во неделата вечерта, пишува „Си-би-ес њуз“.
Меѓу нив беше и Кристал Гарсија Хуртадо, регионален полициски командант. Локалните медиуми јавија дека напаѓачите ѝ ја отсекле главата.
„Го осудуваме кукавичкото убиство на нашите колеги од полицијата, кои беа брутално нападнати додека ја извршуваа својата должност“, се вели во објавата на социјалните мрежи, во која се идентификувани другите две жртви како Ицел Мадеро Лареа и Давид де Хесус Еспиноза Валдез.
Нападот се случил на автопатот што ги поврзува градовите Пацкуаро и Уруапан. Државното обвинителство на Мичоакан, кое ја води истрагата, веднаш не го коментира инцидентот. Мичоакан има голем проблем со конфликтите меѓу бандите. На почетокот на овој месец тројца земјоделци беа разнесени со бомба.
Тоа се случи само неколку дена откако претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор призна дека импровизирана експлозивна направа убила најмалку четворица војници, во, како што рече, стапицата што веројатно ја поставил картелот Мичоакан. Во февруари двајца кандидати за градоначалник на градот Мараватио беа убиени за неколку часа еден од друг.
Свет
Лојд Остин: Нема да дозволиме Украина да пропадне
Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина изјави дека Вашингтон нема да дозволи Украина да пропадне.
„САД нема да дозволат Украина да пропадне. Оваа коалиција нема да дозволи Украина да пропадне“, рече Остин на почетокот на состанокот на претставниците на 50-те земји, кои обезбедуваат воена помош за Украина, пренесува „Ројтерс“.
Средбата се одржува во американската воена база во Рајмштајн, Германија.