Свет
Русија собира војска – се одржуваат вежби од Атлантикот до Пацификот
Русија премести околу 100.000 војници – опремени со сè, од тенкови и артилерија до муниција и воздухопловни сили – на украинската граница, но негира дека планира инвазија.
Околу 35.000 руски персонал е постојано стациониран во близина на украинската територија. Во средата руското Министерство за одбрана објави слики од воени единици на пат кон полигон за обука во Ростов, во близина на границата со Украина.
Некои новопристигнати единици поминале речиси 4.000 милји, од рускиот далечен исток, пишува Би-би-си. Повеќето проценки наведуваат дека бројот на руски војници распоредени околу Украина – на север, југ и исток од земјата – е околу 100.000.
Но, една украинска проценка, објавена од CNN, вели дека има 106.000 копнени војници и 21.000 членови на морнарицата и воздухопловните сили.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во вторникот: „Разузнавачките служби се многу јасни дека има 60 руски борбени групи на границите на Украина, околу една третина од вкупниот број на располагање“. Покрај редовните руски војници, се проценува дека има околу 15.000 руски сепаратисти во украинските региони Луганск и Доњецк.
Но, некои западни аналитичари велат дека Русија сè уште не собрала сè што е потребно за копнена инвазија. Тие укажуваат на недостигот од целосно екипирани мобилни теренски болници во некои области. Доаѓањето на медицинскиот персонал, велат тие, може да укаже на подготвеност за напад.
Руски сили од неколку илјади војници се префрлени во Белорусија на заедничка воена вежба која ќе кулминира меѓу 10 и 20 февруари. Претседателот Александар Лукашенко го поддржа рускиот претседател, Владимир Путин.
Главниот град на Украина, Киев, е на помалку од 100 милји (150 километри) од белоруската граница. Западните набљудувачи велат дека вежбата, наречена Allied Resolve, може да даде можност за вежбање мисија против Украина.
Сликите објавени на интернет, наводно, покажуваат воена опрема, вклучувајќи оклопни возила, тенкови и ракетни системи, кои патуваат кон областа. Русија најави распоредување на напредни борбени авиони Су-35 во Белорусија, заедно со системи за противвоздушна одбрана, муниција и медицинска поддршка.
Русија од овој месец до февруари одржува и светски поморски вежби, од Атлантикот до Пацификот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во БиХ уапсени 14 криумчари, превезувале мигранти во Хрватска, заработиле 3 милиони евра
Припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина уапсија 14 лица под сомнение дека организирале мрежа на криумчари на илегални мигранти преку границата со Хрватска. Акцијата под кодното име „Пирамида“ координирана од Обвинителството на БиХ беше спроведена на 16 различни локации низ земјата.
Како што беше утврдено во досегашната истрага, уапсените организирале илегално преминување на границата на најмалку 600 лица, од кои стотина се деца.
„Според прелиминарните податоци, оваа меѓународна организирана криминална група во изминатите шест месеци остварила финансиска корист од повеќе од шест милиони конвертибилни марки (три милиони евра)“, се вели во полициското соопштение.
Разбивањето на оваа мрежа на трговци со луѓе беше спроведено заедно со Управата за криминалистичка полиција на МВР на Република Хрватска и Европол и со учество на припадници на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).
Граничната полиција на БиХ наведува дека продолжува да презема мерки за спречување на шверцот на луѓе, особено против организираните криминални групи. Потсетуваат дека во првите три месеци од годинава полициски службеници и граничари до обвинителството поднеле 83 пријави против 177 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле 110 кривични дела криумчарење луѓе.
Регион
За европските избори во Хрватска беа пријавени 25 листи, осум помалку од 2019 година
Државната изборна комисија (ДИК) до крајниот рок доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година.
Во недела на 9 јуни ќе се одржат избори за Европскиот парламент во Хрватска, а ќе се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.
Со поднесување на списокот и официјално започнува изборната кампања која ќе трае до 7 јуни кога ќе започне изборниот молк.
Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори.
Свет
Моќната сестра на севернокорејскиот лидер: Ќе изградиме супериорна воена сила
Ким Јо Џонг, моќната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, рече дека земјата ќе продолжи да гради супериорна и најмоќна воена сила за да го заштити својот суверенитет и регионалниот мир, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Ким рече дека серијата воени вежби на американската војска во регионот оваа година, почнувајќи со вежби спроведени со „јужнокорејски марионетски воени гангстери“, опасно ја нарушуваат регионалната безбедносна средина.
„Ќе продолжиме да ја градиме најголемата и најмоќната воена сила за заштита на нашиот суверенитет, безбедност и регионален мир“, ја цитираше КЦНА нејзината изјава.
Војските на САД и Јужна Кореја во последните месеци спроведоа серија големи и интензивни вежби, а лидерите на двете земји ветија дека ќе ја подобрат борбената готовност против воените закани на Северна Кореја.
Околу 100 воени авиони извршија двонеделни воздушни вежби овој месец, соопшти јужнокорејската војска.
Северна Кореја вели дека американските воени вежби се подготовки за нуклеарна војна против неа. Вашингтон и Сеул велат дека вежбите имаат одбранбен карактер и се спроведуваат редовно за да се одржи подготвеноста.