Европа
Руски олигарх: Путин е смртно болен
Веќе извесно време се шпекулира за здравствената состојба на рускиот претседател Владимир Путин, а такви шпекулации има сè повеќе по неговата наредба за инвазија на Украина.
Порталот New Lines сега објави дека дошол до аудиоснимка од олигарх близок до Кремљ, кој вели дека Путин е тешко болен и дека има рак на крвта, иако не го прецизира типот на карцином од кој наводно страда рускиот претседател.
Порталот пишува и дека на оваа тема бил испратен строго доверлив документ до седиштето на руската безбедносна и разузнавачка агенција ФСБ (наследникот на советската КГБ), исто како и до сите регионални директори на ФСБ.
Кристо Грозев, истражувач во Bellingcat, реномирана страница за форензика и разузнавачка анализа, вели: „Документот им наредува на регионалните директори да не веруваат во шпекулациите за здравјето на претседателот“.
„Добиле инструкции да дејствуваат против сите такви шпекулации, кои би можеле да се прошират во локалните одделенија на ФСБ. Според извор од една од регионалните единици, кој го видел документот, таквата наредба без преседан имала спротивен ефект бидејќи сега повеќето функционери на ФСБ веруваат дека Путин навистина боледува од тешка болест“, нагласува Грозев.
New Lines ги наведува и неодамнешните опсервации на промените во физичкиот изглед на Владимир Путин – од начинот на кој тој оди до изгледот на неговото лице, кое е отечено, што може да значи дека зема лекови.
Ешли Гросман, професор по ендокринологија на „Оксфорд“, за New Lines изјави: „Путин отсекогаш изгледал дека е во форма. Но, во последните неколку години лицето и вратот му изгледаат многу подебело. Тој изглед е компатибилен со употреба на стероиди“.
Си-ен-ен потсетува дека таквите тврдења засега не може да се проверат, а тоа го наведува и New Lines, со нагласување дека тоа може да значи дека оние во Русија што сакаат да го соборат Путин од власт шират такви шпекулации за да ги убедат истомислениците дека Путин е ранлив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.