Свет
САД најавија притисок врз Северна Кореја поради загриженоста за можна нова нуклеарна проба
Американските власти соопштија дека ќе го задржат дипломатскиот притисок врз Северна Кореја сè додека режимот во Пјонгјанг не го промени својот курс, а таквата порака од Вашингтон беше испратена во услови на зголемени тестирања на севернокорејски балистички ракети и стравувања од потенцијален нуклеарен тест, јавува „Анадолија“.
– Доколку и додека Северна Кореја не се ангажира со нас, со партнери и сојузници во дипломатијата и дијалогот, тој притисок ќе продолжи. Ќе се одржи и, доколку е потребно, ќе се зајакне – изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на заедничката прес-конференција со неговата јужнокорејска колешка Парк Џин.
Шефот на американската дипломатија Блинкен ја предупреди Северна Кореја да не ја врши седмата нуклеарна проба во нејзината историја, велејќи дека САД сè уште се во состојба на готовност и дека својот одговор го подготвиле во координација со своите сојузници и партнери, пред сè оние во Јужна Кореја и Јапонија.
– За денеска можам едноставно да кажам дека се подготвуваме за сите можни ситуации, повторно во многу тесна координација со другите. Нуклеарна проба би била опасна. Тоа би било длабоко дестабилизирачко за регионот. Тој очигледно би го прекршил меѓународното право наведено во неколку резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации – додаде Блинкен.
.@SecBlinken met with @FMParkjin today to reaffirm the importance of the U.S.-ROK alliance in maintaining the security and stability of the Indo-Pacific. https://t.co/Lm98tH03fE
— Ned Price (@StateDeptSpox) June 14, 2022
Парк ги повтори предупредувањата на Блинкен, велејќи дека секоја севернокорејска провокација, вклучително и нуклеарна проба, ќе наиде на обединет и цврст одговор од меѓународната заедница.
„Изразивме особена загриженост поради сè поагресивната реторика на Северна Кореја во однос на употребата на тактичко нуклеарно оружје“, рече Парк.
Соединетите Држави, Јужна Кореја и Јапонија на 8 јуни објавија планови за зајакнување на безбедносните врски и се согласија заеднички да се спротивстават на заканите од Северна Кореја доколку Пјонгјанг изврши уште една нуклеарна проба.
Кина и Русија на 27 мај ставија вето на новите санкции на Советот за безбедност на ОН што ќе ѝ бидат наметнати на Северна Кореја поради нејзините тековни тестови на балистички ракети, кои таа ги спроведува со кршење на претходните резолуции на Советот, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.