Свет
САД: Нема назнаки дека Русија ќе го употреби нуклеарното оружје распоредено во Белорусија
Американското Министерство за одбрана соопшти дека нема индиции дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, откако Москва најави распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
„Ги видовме извештаите за руското соопштение и ќе продолжиме да ја следиме оваа ситуација“, се вели во писмената изјава на прес-службата на Министерството за одбрана. „Не гледаме причина да ја прилагодиме нашата стратешка нуклеарна положба или каква било назнака дека Русија се подготвува да користи нуклеарно оружје. Остануваме посветени на колективната одбрана на НАТО алијансата.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Москва ќе распореди тактичко нуклеарно оружје на територијата на својот сојузник Белорусија, земја на прагот на Европската Унија.
„Нема ништо невообичаено во ова: САД го прават тоа со децении. Тие веќе долго време распоредуваат тактичко нуклеарно оружје на територијата на своите сојузници“, рече Путин во интервју за руската телевизија. „Се договоривме да го сториме истото“, додаде тој, велејќи дека има согласност од Минск.
Според Путин, оваа одлука е поттикната од подготвеноста на Лондон да испрати оружје со осиромашен ураниум во Украина, за што неодамна разговараше британски функционер. Путин се закани дека ќе прибегне кон истиот тип муниција доколку Киев ја добие.
„Русија, се разбира, има со што да возврати. Имаме, без претерување, стотици илјади вакви гранати. Засега нема да ги користиме“, рече рускиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Египет го достави предлогот на Хамас до Израел за едногодишен прекин на огнот во Газа
Египетските власти му доставија на Израел предлог изготвен од Хамас, со кој се бара едногодишен прекин на огнот во Појасот Газа во замена за радикалните Палестинци да ги запрат нападите врз израелските сили, објави ТВ каналот Ал Хадат со седиште во Дубаи.
Според извештаите, Египет го доставил предлогот на Хамас до израелската делегација. Изворите наведоа дека и Египет презентирал сопствена иницијатива, барајќи од Израел целосно да ја прекине операцијата во градот Рафах на југот на Појасот Газа во близина на египетската граница, пренесе ТАСС.
За возврат, египетските власти ветуваат дека ќе обезбедат „напредок во разговорите“ со радикалните палестински групи за ослободување на израелските заложници што ги држат во Појасот Газа, велат изворите.
На 1 декември 2023 година, израелската армија го обвини Хамас за кршење на примирјето што стапи на сила на 24 ноември и за продолжување на борбените операции во Појасот Газа.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.