Свет
САД сметаа дека имаат дрон кој е неуништлив, но Иранците го соборија
Американскиот дрон кој вчера беше уништен од страна на иранските сили, е најнапредното беспилотно летало што во моментов го користат воздухопловните сили на САД, барем јавно.
Станува збор за моделот RQ-4А Global Hawk, специјализиран за летови на голема височина, а посебна е верзијата наменета за програмата Поморски надзор над широко подрачје (BAMS), пишува специјализираниот американски портал „Дифенс пост“.
Ова е прв американски дрон од овој тип кој некогаш бил уништен. Доколку на тоа се додаде и фактот дека дронот Global Hawk е поскап и од најнапредниот американски борбен авион F-35A Lightning II Joint Strike Fighter, јасно е дека станува збор за многу посериозен инцидент отколку што изгледа на прв поглед.
Официјален американски претставник за Си-ен-ен изјавил дека цената на RQ-4A Global Hawk е приближно 110 милиони долари. Од друга страна, пак, „Бизнис инсајдер“ цитирајќи податоци од Американскиот морнарички институт од 2015 година, пишува дека таков дрон вреди околу 123 милиони долари. За споредба, веќе споменатиот ловец F-35A чини 89 милиони.
„Ова не е обичен дрон на чија загуба Американците само ќе ги поткренат рамената“, коментирала на „Тивтер“, Улрике Франк, експерт за беспилотни летала од Европскиот совет за надворешни односи.
RQ-4 Global Hawk лета на над 20 илјади метри висина, што значи дека вакво летало може да биде соборено само со софистициран ракетен систем земја-воздух, воден од радар, а не од против-авионски проектил истрелан од рамото на некој војник и воден од топлина, пишува „Дифенс пост“.
Иран тврди дека иранската револуционерна гарда го урнала беспилотното летало со користење на напредните верзии на против-воздушниот систем „Хордад“, која може да детектира цели на растојание од 150 километри и да ги уништи на растојание до 50 километри, односно висина од 25 километри, пишува хрватски „Индекс“.
Global Hawk нема „стелт“ технологија (не е невидлив за радарите), па е ранлив е за системи кои може да погодат цели на оваа висина. Главна слава точка е дека дронот воопшто не е наменет за пенетрација и мисии во непријателски воздушен простор.
Што се однесува до причината за уривање на дронот, Иран тврди дека има несоборливи докази оти леталото на САД во времето кога било соборено се наоѓало во иранскиот воздушен простор и дека неговите делови паднале во ирански територијални води.
Во прилог на тврдењето, иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, објави илустрација со наводните координати од локацијата каде што дронот бил срушен. Од друга страна, САД тврдат дека леталото било урнато во неутрален простор.
At 00:14 US drone took off from UAE in stealth mode & violated Iranian airspace. It was targeted at 04:05 at the coordinates (25°59’43″N 57°02’25″E) near Kouh-e Mobarak.
We’ve retrieved sections of the US military drone in OUR territorial waters where it was shot down. pic.twitter.com/pJ34Tysmsg
— Javad Zarif (@JZarif) June 20, 2019
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.
Европа
Британска компанија ги тужи „Фајзер“ и „Бионтек“: Ја украдоа нашата технологија за вакцина против Ковид
Британската фармацевтска компанија GlaxoSmithKline (GSK) денеска поднесе тужба пред федералниот суд во Делавер против американскиот Pfizer и германскиот BioNTech, тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласник РНК (mRNA) во нивните вакцини против Ковид-19.
Вакцините Comirnaty на Pfizer и BioNTech ги прекршуваат иновациите на GSK заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени „повеќе од десет години пред“ пандемијата на ковид-19, се вели во тужбата.
Патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилна гласничка РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а GSK стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Novartis во 2015 година, се додава.
Британската компанија бара парична отштета од Pfizer и BioNTech, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.
Портпаролката на Pfizer во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост поврзана со Comirnaty“ и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на GSK. Портпаролот на BioNTech одби да ја коментира тужбата.
Портпаролот на GSK рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Pfizer и BioNTech против ковид-19“. GSK е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.