Свет
Саудиска активистка ја доби европската награда за човекови права
Саудиската активистката за женски права, Луџаин ал-Хатлул, е одликувана со највисоката европска награда за човекови права само два месеца по излегувањето од затвор во својата татковина, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Наградата за човекови права „Вацлав Хавел“, именувана по славниот чешки дисидент, а подоцна и претседател, ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) на годишно ниво на личности што активно ги бранат човековите права во граѓанското општество.
Според изјавата објавена од ПССЕ, Хатлул е една од лидерките на саудиското феминистичко движење, која водеше кампања за ставање крај на машкиот систем на старателство и на забраната жените да возат автомобил, како и за поголема заштита на жените што се соочуваат со злоупотреба во кралството.
И покрај тврдењата на Саудиска Арабија за подобрување на правата на жените – жените сега може да возат автомобил – Хатлул беше уапсена во мај 2018 година заедно со други активисти.
По повеќе од две години притвор и многубројни пријави за тортура и сексуална злоупотреба во текот на притворот, таа беше осудена на пет години и осум месеци затвор кога беше обвинета за дела поврзани со тероризам во декември минатата година.
Поради делумно условната казна и веќе поминатото време во затвор, Хатлул беше ослободена во февруари. Како дел од условите за предвремено ослободување, Хатлул е на условна казна и ѝ е забрането да ја напушта земјата во период од пет години. Таа ја изгуби жалбата против казната и ограничувањата минатиот месец.
Вчера, на онлајн-церемонијата, сестрата на активистката, Лина ал-Хатлул, ги прими во нејзино име наградата и 60.000 евра што ѝ се доделени.
„Меѓународната поддршка е единствениот начин на кој можеме да ги обелодениме неправдите во мојата земја и да ги заштитиме жртвите“, рече Ал-Хатлул.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.