Европа
Светскиот економски форум во Давос: Ќе се разговара за последиците од војната во Украина
Три месеци по почетокот на руската инвазија на Украина, војната и ризиците што таа ги носи за светската економија ќе бидат во срцето на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос. Собирот се враќа во швајцарскиот зимски центар по две години поради пандемијата на Ковид-19. Минатата година традиционалниот годишен состанок се одржа онлајн, а варијантата омикрон повторно ја помести оваа година од јануари во мај.
„Нашите први мисли се насочени кон војната во Украина“, рече основачот на СЕФ, Клаус Шваб, презентирајќи ја програмата на годинешниот собир.
Во срцето на годишниот состанок ќе бидат кризите – војната во Украина, пандемијата на коронавирусот и климатските промени ќе доминираат на состанокот, кој ќе се одржи од понеделник до четврток. Меѓу другото, учесниците ќе разговараат за последиците од војната врз синџирите на снабдување, снабдувањето со енергија и безбедноста на храната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да биде првиот што ќе одржи виртуелен говор. Гости на форумот се очекува да бидат градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, и брат му Владимир.
Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, ќе разговара со учесниците како дел од панел-дискусијата за тоа како Германија има намера да стане помалку зависна од руската енергија.
В четврток во Давос треба да има говор и германскиот канцелар Олаф Шолц. На четиридневниот собир во швајцарските Алпи речиси 2.500 учесници од политиката и економијата ќе разговараат за решенијата на меѓународните проблеми.
Мотото на огодинешниот собир е „Историја на пресвртницата: владини политики и деловни стратегии“. „Нашето главно барање до светот е – не престанувајте да ја поддржувате Украина“, им рече на новинарите во неделата Ивана Климпуш, украинска парламентарка, која пристигна во Давос, повикувајќи да не се дозволи Русија да води нова војна против никого во регионот.
„Ни треба оружје повеќе од што било друго“, рече Анастасија Радина, друга украинска пратеничка во Давос. Со оглед на санкциите наметнати на Русија, СЕФ ја исклучи земјата од својот годишен состанок оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.