Европа
Севернокорејскиот лидер наредил зајакнување на одбранбените способности
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун нареди зајакнување на одбранбените капацитети на земјата по средбата со највисоките воени претставници, јавија денеска севернокорејските медиуми.
Наредбата на севернокорејскиот лидер предизвикува загриженост за можното надополнување на одбранбените капацитети на Пјонгјанг со тактичко нуклеарно оружје, процени „Ројтерс“.
Воениот самит во Пјонгјанг беше внимателно следен поради зголемените шпекулации дека Северна Кореја би можела да го изврши својот прв нуклеарен тест по пет години, што според американските и јужнокорејските власти може да се случи во секое време.
Ким претседаваше со тридневната седница на осмиот пленум на Централната воена комисија, на која највисоките функционери „поддржаа важна одлука за обезбедување воени гаранции со цел да се зајакне военото одвраќање на земјата“, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.
За време на состанокот беше одлучено Северна Кореја да ги зајакне оперативните должности на своите единици на фронтот со „важен план за воена акција“.
Агенцијата не ги објави деталите за тој план, кој очигледно е насочен кон Јужна Кореја, велат аналитичарите во Сеул, пренесува „Ројтерс“.
„Северна Кореја можеше да ја додаде можната употреба на тактичко нуклеарно оружје на своите нови оперативни планови со оглед на употребата на терминот воено одвраќање што се користи за нуклеарни капацитети“, рече Хонг Мин, соработник во Корејскиот институт за национално обединување во Сеул.
Вчера, агенцијата објави фотографија од највисоките функционери на Северна Кореја на состанок со карта на источниот брег на Корејскиот Полуостров, каде што се наоѓаат јужнокорејските нуклеарни централи, пренесе „Ројтерс“.
Официјален претставник на јужнокорејското Министерство за обединување изјавил дека се чини оти Пјонгјанг намерно ја објавил оваа фотографија и дека, најверојатно, ќе продолжи со заканите кон Сеул.
Запрашан за состанокот на воениот самит на Северна Кореја, јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јеол рекол дека Сеул подготвува силен одговор на активностите на Пјонгјанг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.