Свет
СЗО и натаму не препорачува носење маски за сите
Светската здравствена организација во понеделникот изрази неподготвеност да ја поддржи идејата да препорача носење маски за сите што излегуваат надвор, велејќи дека има само ограничени истражувања за нивната ефикасност во запирањето на пандемијата на Ковид-19, пренесува „Њујорк пост“.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус, призна дека земјите сакаат да сторат сé што можат за да се заштитат себеси и другите, но посочи дека сè уште има потреба од повеќе истражувања за тоа дали луѓето ќе имаат корист од дополнителната заштита.
„Јасно е дека има ограничено истражување во оваа област. Апелираме до земјите што размислуваат за употреба на маски за општата популација да ја испитаат нивната ефикасност за да можеме сите да научиме нешто од тоа“, рече Тедрос.
Тој кажа дека намалената залиха од маски треба да биде наменета пред сè за здравствените работници во првите борбени редови, но СЗО сега ќе препорача опрема и надвор од медицинските центри во одредени ситуации со висок ризик.
„Земјите би можеле да размислат за употреба на маски во заедниците каде што другите мерки, како што се миење раце и одржување физичко растојание, е потешко да се постигнат поради недостигот од вода или тешките услови за живот“, вели директорот на СЗО.
Тедрос истакна дека се препорачува употреба на маски и за болните лица и за оние кои се грижат за некој заразен во домашни услови.
„Ако се носат маски, тие мора да се користат безбедно и правилно“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Првиот разузнавач на Германија: Русите се подготвени и за саботажа
Кинезите се активни во Германија во собирање информации за воената технологија, изјави за „Дојче веле“, Томас Халденванг, претседател на Сојузната канцеларија за заштита на Уставот, домашната разузнавачка служба на Германија.
Халденванг зборуваше за апсењето тројца германски државјани поради сомнение дека на Кинезите им откриле информации за нови технологии, кои може да се користат за воени цели.
„Ова е случај од особено значење. Се занимаваме со проширување на активностите, се работи за знаење за производство на оружје“, додаде тој.
Халденванг разговараше за „Дојче веле“ пред новото апсење во врска со наводното кинеско шпионирање. Во вторникот вечерта, помошник на европскиот претставник на Алтернатива за Германија (AfD) беше уапсен во Дрезден за давање информации на Кинезите.
Тоа беше само продолжение на шпионските игри во последно време. Претходно, двајца руско-германски државјани беа уапсени во Баварија под сомнение дека снимиле американски воени бази во Германија и подготвувале напад.
„Со години забележуваме дека Русија има развиено големи активности овде во Германија“, вели Халденванг. „Уште пред војната во Украина реков дека заканата е слична на онаа од времето на Студената војна“.
„Се разбира, сè беше интензивирано со рускиот напад врз Украина и мораме да разбереме дека Русија се занимава со шпионажа, сајбер-шпионажа, операции за влијание, дезинформации“, продолжи првиот човек на германската разузнавачка служба.
Според него, Германија е особено нападната како важен играч во воената и политичката поддршка за Украина. Украинските војници се обучуваат и во Германија.
Халденванг рече дека во екстремен случај рускиот репертоар вклучува саботажа. „Може да се смета дека витален интерес на Москва е да ја спречи или попречи испораката на оружје за Украина. А земја што е подготвена да води војна со најбрутални средства сигурно нема да се оддалечи од саботажа. Така и ние во Германија мораме да бидеме подготвени за тоа сценарио“.
Како што наведе, германските служби се во состојба на готовност и веќе на почетокот на војната во Украина прогласиле „голем број руски агенти“ за непожелни, што ги „ослабнало можностите на руските служби во Германија“.
Како што додаде Томас Халденванг за „Дојче вече“, исламистички групи и поединци се на радарот на службата поради можни терористички напади. Особено што летово претстојат два големи спортски настана: Европското фудбалско првенство во Германија и Олимписките игри во Париз.
„И на тоа поле нивото на закана е високо. Во моментот, иако не се познати конкретни планови за напад, апстрактната опасност е исклучително висока“, додаде тој.
Тој изјави дека особено Исламската држава Корасан, активна во Авганистан и Пакистан, се залага за голем, спектакуларен напад.
„Можеме да замислиме разни сценарија. Едно многу опасно е, на пример, тимови на напаѓачи да доаѓаат во Германија, можеби некои веќе дошле, а потоа да извршат напад како група“, рече Халденванг.
Други сценарија вклучуваат радикализација на поединци, додаде тој. Како една од новите причини за радикализација тој ги наведе ситуацијата во Појасот Газа и пропагандата на исламистичките групи, кои поттикнуваат поединци да вршат напади.
Свет
(Видео) Сателитски снимки пред и потоа ги откриваат вистинските размери на катастрофата во Дубаи: поплавите го запреа животот
Невидени обилни врнежи од дожд поплавија делови од Обединетите Арапски Емирати минатата недела, со што животот беше запрен во Дубаи и други делови од пустинското кралство. Како што пренесува Си-ен-ен, најголемите регистрирани поплави во ОАЕ биле толку интензивни што можеле да се следат со денови преку сателити од вселената откoga облаците се расчистиле и паднале последните капки дожд.
Во Дубаи – најнаселениот град во земјата, за 12 часа наврна дожд колку за една година, а околните области имаа речиси двојно повеќе врнежи за 24 часа.
Најобилни врнежи имаше во областите северно и источно од главниот град на земјата, Абу Даби. Вкупните врнежи од 100 до 200 милиметри беа вообичаени, но неколку локации забележаа речиси 250 милиметри дожд на квадратен метар.
Поплавите бргу се зголемија и полека се повлекуваа како резултат на историскиот потоп, кој беше најекстремниот настан во земјата од водењето евиденција пред 75 години. Помалку од два дена по престанувањето на дождот, сателитот „Ландсат 9“ помина над ОАЕ во петокот на 19 април и сними снимки од големи базени создадени од поплавите. Сателитот собира детаљни снимки од површината на Земјата и е управуван од НАСА и Геолошкиот институт на САД.
Темносините базени на фотографиите ги истакнуваат водите од поплавите, кои се во целосна спротивност на типично сувата почва во регионот, која изгледа кафеава или светлокафеава. Прикажаната поплава е во најјужниот дел на Дубаи, но високоурбанизираниот централен центар на градот не е заробен. Овие снимки се направени од сателитот „Ландсат 9“ и се обоени за да се потенцира присуството на вода на суво. Прикажаните бои не се толку верни како што би изгледале на самото место што гледа од вселената, но тие го олеснуваат забележувањето на разликите на површината.
Сателитот забележа и значителни поплави во Абу Даби. Малите, плитки водни тела се светлосини. Поголемите и подлабоки базени со вода од поплавите се темносини. Големи површини на сува, кафеава почва исто така стануваат зелени по врнежите. Ова веројатно покажува дека почвата во многу области ја задржала влагата од дождот, иако тие не биле целосно поплавени.
Силниот дожд е поврзан со поголем систем на бура минатата недела што го премина Арапскиот Полуостров и се пресели преку Оманскиот Залив. Истиот циклон донесе смртоносни поплави и во блискиот Оман, каде што загинаа најмалку 18 лица. Екстремните врнежи како овие стануваат сè почести како што се загрева атмосферата поради климатските промени предизвикани од човекот. Потоплата атмосфера може да апсорбира повеќе влага како крпа и потоа да ја ослободи во форма на обилни врнежи.
Свет
Медиумите јавуваат за инциденти: Русија ја бомбардира Русија
Воздухопловните сили на Русија фрлиле огромен број бомби на сопствена територија претходно овој месец, според извештајот на независните медиуми.
Како што пишува „Политико“, армијата на рускиот претседател Владимир Путин редовно ја бомбардира Украина од небо над пограничните региони, како што е Белгород, што доведе до инциденти со пријателски оган.
Минатата недела руските воздухопловни сили фрлија ракета „Х-59“ во регионот на Белгород, на 92 километра од границата со Украина, објави доцна синоќа рускиот независен медиум „Астра“ на „Телеграм“ повикувајќи се на свои извори.
„Војската мораше да го уништи на самото место. Немаше жртви“, пишува „Астра“.
Вкупно, најмалку 21 воздушна бомба падна од руски авиони на Русија или на окупираните територии на Украина само во март и април, објави „Астра“.
„Нема точни одговори зошто ова продолжува да се случува“, напишаа новинарите.
На 2 април руски бомбардер фрли експлозив во близина на железничката станица во Рубижнеј, град во окупираниот дел на регионот Луганск.
„Бројот на жртвите не е пријавен, преживеаните се евакуирани“, изјави во соопштението Артем Лисохор, шеф на украинската воена администрација во регионот Луганск.
На 20 април минатата година руска бомба падна во центарот на Белгород и создаде огромен кратер. Руското Министерство за одбрана преку соопштение објави дека за време на летот на авионот „су-34“ на воздухопловните сили над градот Белгород дошло до необичен пад на авијациска муниција.