Свет
СЗО повикува на подобра заштита на здравствените работници
Здравствените работници, кои се во првите редови во борбата против пандемијата на Ковид-19, плаќаат висока цена со своето здравје, предупреди Светската здравствена организација (СЗО) презентирајќи план што треба да помогне за нивна подобра заштита.
„Ковид-19 ги изложи здравствените работници и нивните семејства на невиден ризик“, потсетува СЗО истакнувајќи дека статистичките податоци, дури и да се нецелосни, јасно покажуваат дека стапките на инфекции кај здравствените работници се далеку повисоки отколку кај преостанатата популација.
Здравствените работници сочинуваат околу три проценти од населението во повеќето земји и помалку од два процента во најсиромашните. Податоците на СЗО покажуваат дека 14 проценти од случаите со Ковид-19 се однесуваат токму на здравствните работници. „Во некои земји тој удел достигнува 35 проценти“, се вели во соопштението.
Ризиците не се само физички, без разлика дали станува збор за коронавирус или за насилството на кое се изложени.
Стресот од постојан страв од заболување, долгото работно време, разделбата со најблиските за да се заштитат од инфекција, а понекогаш и отфрлањето и непријателството од општеството оставаат сериозни последици врз нивното здравје.
Според неодамнешното истражување цитирано од СЗО, една четвртина од анкетираните здравствени работници изјавиле дека страдаат од напади на депресија и анксиозност, а третина од несоница.
Планот од пет точки на СЗО советува да се воспостави синергија помеѓу стратегиите за безбедност на пациентите и оние за безбедноста на здравствените работници и да се развијат национални програми за подобра заштита на здравствените работници.
СЗО исто така инсистира на заштита на здравствените работници од насилство на работното место и подобрување на нивното психолошко здравје.
Планот ја нагласува потребата да се заштитат здравствените работници од физички и биолошки опасности преку обезбедување доволна заштитна опрема и обука за да знаат како да ја користат.
„Ниту една земја, болница или клиника нема да може да ја осигурат безбедноста на своите пациенти сè додека здравствените работници не бидат безбедни“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.