Свет
Синовите им простија на убијците на Кашоги, свршеницата против прошка
Синот на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во саудискиот конзулат во Турција во 2018 година, изјави дека тој и неговите браќа им простиле на убијците на татко им, но неговата свршеница во својата реакција објави дека никој нема право на такво простување.
„Ние, синови на маченикот Џамал Кашоги, најавуваме дека во името на Бога им простивме на оние што го убија нашиот татко. Длабоко се надеваме дека семоќниот Бог ќе нè награди за ова“, напиша Салах Кашоги на „Твитер“.
Салах живее во Саудиска Арабија, која дел од меѓународната заедница ја обвинува дека стои зад убиството на Кашоги, кој критички пишуваше за Ријад.
Турските и американските власти тврдат дека убиството било спонзорирано од саудискиот принц Мохамед бин Салман.
Ријад првично го негира убиството, а потоа тврдеше дека е извршено од саудиските агенти, кои дејствувале сами.
Саудиските власти објавија дека пет лица се осудени на смрт за убиството на новинарот по едногодишното судење кое било критикувано поради неговата тајност. Покрај петте смртни казни, тројцата осомничени добија и 24 години затвор за прикривање кривични дела, изјавија во тоа време саудиските обвинители.
Агенцијата „Франс прес“ пишува дека простувањето на синовите на новинарот им овозможува на обвинетите да ја избегнат смртната казна.
Турската свршеница на убиениот Кашоги, реагирајќи на тоа, на „Твитер“ напиша дека никој нема право да им простува на неговите убијци“, пишува француската агенција.
„Ние нема да застанеме сè додека не се задоволи правдата за Џамал“, напиша Хатиџе Ченгиз на „Твитер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пожар во Атина: Се запали станбена зграда, пет противпожарни возила на лице место
Пожар избувна на високо приземје на станбена зграда во атинската населба Ризуполи. Како што јави грчкиот јавен сервис ЕРТ, на лице место излегле 16 пожарникари со пет возила.
Мобилизирани се и два камиони со скали, доколку е потребно да се евакуираат станарите од горните катови.
Свет
Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува палестинското движење.
Ердоган синоќа ја потврди посетата, нивна прва средба лице в лице од јули 2023 година, но беше многу дискретен за нејзината цел. „Да ја зачуваме агендата за нас и господинот Ханија“, им рече тој на новинарите.
Ќе се разговара за војната во Појасот Газа, соопшти Хамас.
Ханија вчера вечерта пристигна во Истанбул на чело на делегацијата на неговото движење.
Тој град е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, тој бил таму само еднаш официјално, во јануари. Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор.
Фидан денеска ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана на страна во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.
Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога во застојот на разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници.
Свет
Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000
Најмалку 34.049 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се додава дека во овој период биле ранети 76.901 лице.
Во текот на претходните 24 часа загинаа 37 Палестинци, а 68 беа повредени, се наведува во објавата.