Daily news
Сириската влада категорички ја отфрла вината за наводниот хемиски напад во Идлиб
Сириската армија категорички ги отфрли обвинувањата за наводен напад со хемиско оружје, меѓутоа противниците на официјален Дамаск, САД и Европската унија сметаат дека токму владата е одговорна за наводниот напад најверојатно со отровен гас кој во вторникот усмртил најмалку 100 а повредени се 400 луѓе, поради што Советот на безбедност на Обединетите нации свика итна седница.
Најмалку 100 лица загинале а речиси 400 пројавиле симптоми на респираторни проблеми во веројатен хемиски напад во северозападната покраина Идлиб, од којашто делови држат сунитските вооружени бунтовници, соопшти повикувајќи се на „медицински извори од теренот“, опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон.
„Командата категорично ги отфрла обвинувањата за употреба на каква и да е хемиска или отровна материја во Кан Шејкун денеска (…) Истакнува дека таква супстанција никогаш не ја користела, ниту во ниеден момент и никаде и нема да го прави тоа ниту во иднина“, соопшти армијата, чијашто изјава ја пренесе сириската службена новинска агенција SANA.
Агенциите наведуваа дека засега овие наводи не може да бидат потврдени од независни извори. Покрај, тоа засега не е познато кој го извел нападот.
САД и регионалните сојузници во минатото ја обвинуваа војската на сириската влада дека користи воени отрови. Официјален Дамаск ова го негира тврдејќи дека такви агенси поседува џихадистичката организација Исламска држава, како и дека тајните служби на сунитските држави во соседството исценирале таков голем напад крај престолнината за да предизвикаат американска воена интервенција во Сирија.
Од 2013 година сириските власти според договорот меѓу Русија и САД го предадоа целиот хемиски арсенал, а беше овозможена и меѓународна инспекција на постројките во кои може да се произведуваат хемиски агенси. Следната 2014 година Сирија ги предаде последните резерви од хемиско оружје на заедничката мисија составена од претставници на Обединетите нации и Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) на којашто Дамаск ѝ пристапи истата година.
Но во вторникот Белата куќа ја обвини владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, од кого сега не бара изрично повлекување од должноста како претходната администрација којашто ја смета за одговорна и за сегашниот инцидент.
„Ужасните акции на режимот на Башар ал-Асад се последица од слабоста и нерешителноста на поранешната влада“, изјави портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер и појасни дека „претседателот Барака Обама во 2012 година изјави дека ќе повлече ‘црвена линија’ за користењето на хемиското оружје, но не стори ништо“.
Спајсер одби да одговори што ќе преземе администрацијата на сегашниот американски претседател Доналд Трамп, пренесува Reuters.
Претходно во вторникот високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, исто таа, изјави дека одговорноста паѓа на владата на претседателот Асад, бидејќи „неговата првенствена одговорност е да го заштити својот народ“, пренесе AFP.
Советот за безбедност при ОН свика итна седница за во среда во 16 часот по средноевропско време, најави американската амбасадорка во светската организација Ники Хејли. САД во април претседаваат со 15-члениот Совет за безбедност, а итната седница претходно ја побара и Сириската национална коалиција, сунитска опозициска групација поддржана од Западот, која нападот го опиша како „масакр“.
Обединетите нации од своја страна потсетија дека со Конвенцијата за хемиското оружје (CWC) е забрането користењето на ова оружје за масовно уништување.
„Употребата на какво и да вид хемиско оружје, особено над цивилите е крајно загрижувачки и вознемирувачки. Какво и да е користење на хемиското оружје, каде и да е, претставува закана за мирот и безбедноста, и сериозно кршење на меѓународното право“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
Иследниците на ОН за воени злосторства порачаа во вторникот дека го истражуваат најновиот инцидент, ако и извештајот за наводен напад врз болница со ранети.
Истражната комисија на ОН чиешто седиште е во Женева, соопшти дека употребата на хемиско оружје и намерното гаѓање на болница „би претставувале воени злосторства сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“ и додаде дека е „најважно сторителите на таквите напади да бидат идентификувани и за нив да одговараат“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.