Европа
Си-ен-ен пренесува детали од доверлива средба меѓу руски и американски генерали
Според доверлив извештај на американската војска, минатонеделна средба меѓу руски и американски воени претставници предизвикала емотивен изблик на инаку воздржан руски генерал, што покажува дека Русија има сè поголем проблем со моралот на својата војска.
Извештајот, во кој Си-ен-ен добил увид, ги наведува ставовите и перспективите на двата воени табора, но не нуди детално објаснување за однесувањето на рускиот генерал. Војската или разузнавачката служба никогаш не објавува извештаи за доверливи средби бидејќи тие служат за анализа на можните идни потези, односно намерите на спротивната армија.
Средбата се одржала во руското Министерство за одбрана во Москва, а тоа е ретка средба меѓу руски и американски одбранбени претставници откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Во извештајот се наведува дека средбата била напната и дека руската страна покажала очигледни знаци на стрес и нервоза.
Особено се нагласува однесувањето на рускиот генерал Евгениј Иљин, заменик-началник на Генералната управа за меѓународна соработка, со долгогодишно искуство во комуникација со американските претставници. Иљин, спротивно на неговата претходна пракса, зборувал без да ги следи претходно подготвените белешки или теми за разговор.
На крајот од состанокот, американски функционер се распрашувал за семејните корени на Иљин во Украина, променувајќи го, како што се вели, инаку стоичкиот став на рускиот генерал кој поцрвенел и се вознемирил.
Генералот тогаш потврдил дека е роден во Днепропетровск и дека неговото семејство подоцна се преселило во Донецк, каде што одел на училиште.
Американските власти велат дека Иљин потоа додал дека моменталната ситуација во Украина е трагична и поради тоа е многу депресивен. Потоа ја напуштил собата без да се ракува со присутните.
Засега не се знае точно зошто била одржана средбата и не се знае дали има дополнителна документација за неа. Во извештајот не се споменуваат имињата на присутните американски аташеа, а Си-ен-ен не можел да го открие нивниот идентитет. Пентагон одби да коментира.
*Фотографијата е илустрација и не е поврзана со конкретната вест
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.