Свет
Случај што ја потресе Германија: Речиси 200 свештеници се осомничени за злоупотреба на малолетници
Најмалку 196 свештеници во германската католичка епархија Минстер се осомничени за сексуално злоставување малолетници во периодот од 1945 до 2020 година.
Според извештајот објавен денеска, според АП, тоа е само додаток на веќе откриените случаи во другите епархии кои ја потресоа црквата во земјата, се наведува во соопштението на универзитетот во тој град каде се сумирани наодите.
Студијата ја нарачала епархијата во Западна Германија, а ја спроведувал тимот од Универзитетот во Минстер повеќе од две години.
Се додава дека католичките функционери со години прикривале скандали или само површно интервенирале.
„Бискупите и другите функционери во некои случаи биле во голема мера свесни за злоупотребата“, вели коавторот на студијата Томас Гросболтинг.
Исто така, се наведува дека 196 свештеници осомничени за злоупотреба сочинуваат околу четири проценти од сите во епархијата помеѓу 1945 и 2020 година.
Авторите на студијата изјавиле дека околу пет проценти од нив биле „сериски“ насилници и дека секој од нив е одговорен за повеќе од 10 дела.
Се додава дека имало најмалку 610 жртви, но се стравува дека вистинската бројка е веројатно осум до 10 пати поголема.
Сепак, повеќето од свештениците осомничени за злоупотреба биле само префрлени на друга позиција, без да се намалат пасторалните должности, покажа истражувањето.
АП потсетува дека во извештајот, кој беше нарачан од Минхенската архиепископија во јануари, се нагласуваат нерешените случаи на злоупотреба меѓу поранешните и сегашните црковни функционери.
Се наведува дека меѓу нив е и пензионираниот папа Бенедикт, кој како кардинал Џозеф Рацингер беше надбискуп на Минхен и Фрајзинг од 1977 до 1982 година.
Според извештајот нарачан од црквата во 2018 година, најмалку 3.677 луѓе биле жртви на свештенството во Германија помеѓу 1946 и 2014 година, а повеќе од нив биле на возраст под 13 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.