Свет
Смртоносен тајфун ги однесе првите жртви во јужна Кина: четири лица загинаа, а 200 се повредени во Хонгконг
Тајфунот Мангкнут го погоди јужниот дел на Кина и четири лица загинаа во кинеската провинција Гуангдонг, соопштија властите. Во Хонгконг почнаа да го расчистуваат теренот по еден од најсилните тајфуни во изминатите неколку години.
Тројца загинаа при уривање на дрвјата во градот Гуангжу во јужниот дел на земјата. Едно лице загина во уривање на зградата во Донггуан, објави Националниот центар за помош при катастрофи. Во Хонгконг, 200 луѓе беа повредени при напад на тајфунот.
Невремето искорна стотици дрвја, оштети патишта и улици. Големите поплави предизвикаа голема штета, особено во оддалечените острови во Хонгконг, каде што заедниците живеат поблизу до крајбрежјето.
Во Макао, во близина на Хонгконг, беше наредено да се затворат казината во 23 часот, што е првпат да се донесе таква одлука.
Властите во јужниот дел на Кина прогласија црвен аларм, највисоко ниво на тревога, откако националниот метеоролошки центар соопшти дека густо населениот регион ќе се соочи со „сериозен тест, предизвикан од ветар и дожд,” и го предупреди населението да се подготви за можна катастрофа. Стотици летови се откажани, брзите возови не сообраќаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Разузнавачки извор за „Си-ен-ен“: Директните напади меѓу Израел и Иран завршија
Регионален разузнавачки извор рече дека директните напади меѓу Израел и Иран се завршени.
Изворот разговарал за Си-Ен-Ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот вели дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина.
Претходно и висок ирански функционер изјави за Ројтерс дека „Иран нема план за итна одмазда против Израел“.
Израел се уште не потврдил дека го извршил нападот врз Иран, а тврдењата за нападот дојдоа од Вашингтон.
Од друга страна, од Иран доаѓаат контрадикторни информации, но нема официјален извештај.
Пред само еден час, ирански аналитичар изјави за иранската државна телевизија дека „мини-дроновите соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан биле управувани од инфилтратори од Иран“.
Претходно, пак, ирански функционер изјави за Ројтерс дека немало ракетен напад и дека експлозиите биле резултат на активирање на иранските системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Украина тврди дека соборила руски бомбардер
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле руски стратешки бомбардер првпат од почетокот на руската инвазија, а Москва објави дека авионот се урнал поради технички дефект и дека еден член на екипажот загинал.
„Првпат противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство во соработка со одбранбеното разузнавање на Украина го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел ‘ту-22М3’, кој носи крстосувачки ракети ‘Х-22’“, изјави командантот на украинските воздухопловни сили на „Телеграм“.
Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) соопшти дека рускиот авион „бил соборен благодарение на специјалната операција спроведена од украинското одбранбено разузнавање во соработка со воздухопловните сили“.
Руското Министерство за одбрана не потврди дека украинската страна нападнала еден нејзин авион, но воен извор изјавил за новинската агенција ТАСС дека бомбардерот „туполев-22М3“ се урнал во регионот Ставропол по борбена мисија додека се враќал во базата. Според овој извор, авионот не носел оружје.
Свет
САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН
Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“.
Воздржани беа Велика Британија и Швајцарија, а „за“ гласаа Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир.
Претходно вчера, заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН наведувајќи дека нема едногласно мислење меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполнуваат критериумите неопходни за да бидат дефинирани како држава.
Палестинската управа (ПА) го осуди потегот нарекувајќи го „нефер, неетички и неоправдан“.
Кабинетот на претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, го нарече американското вето „еклатантна агресија …туркање на регионот преку работ“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го пофали американското вето додавајќи: „Срамниот предлог беше отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.