Свет
Советникот на Трамп за национална безбедност бил во контакт со рускиот амбасадор во САД
Мајкл Флин, изборот на новиот американски претседател Доналд Трамп за негов советник за национална безбедност, повеќепати телефонски разговарал со рускиот амбасадор во Вашингтон на денот кога САД ја најавија одмаздата поради наводното руско влијание во американските претседателски избори, изјавиле два упатени извори, пренесува Reuters.
Овие разговори отвораат нови прашања за контактите на советниците на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и руските функционери во периодот кога американските разузнавачки агенции тврдат дека наводно Москва наредила хакирање и други средства за да ги зголеми шансите на Трамп за победа над неговата противкандидатка од Демократската партија, Хилари Клинтон.
Американскиот претседател на заминување Барак Обама на 29-ти декември нареди протерување на 35 руски дипломати, наводно за шпионирање, нареди и санкции против двете руски разузнавачки агенции, како и на две приватни компании и седум лица, поради нивна наводна вклученост во хакирањето на американски политички институции на изборите во 2016 година.
Не е утврдено дали Мајкл Флин и рускиот амбасадор Сереј Кислја, кој ќе присуствува на инаугурацијата на Доналд Трамп на 20-ти јануари, расправале за споменатите санкции.
Американскиот закон од XVIII век, познат како „Логан Акт“, им забранува на неовластени американски граѓани да преговараат со странски влади кои се во спор или судир со САД.
За споменатите телефонски разговори први извести колумнистот на Тhe Washington Post, Дејвид Игнатиус.
Портпаролот на Трамп во петокот изјави дека Флин примил телефонски повик од рускиот амбасадор минатиот месец, како и дека разговарале за организирање на телефонски разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин по инаугурацијата на 20-ти јануари.
„Разговорот се водеше околу логистиката на организацијата на разговорот на рускиот претседател и новоизбраниот американски претседател откако ќе ја положи заклетвата, и разменија логистички информации како да се иницира и да се одреди времето за тој разговор. Тоа е тоа, кусо и јасно“, истакнал портпаролот Шон Спајсер.
Додал дека тој разговор се одвивал на 28-ми декември, а двата извора на Reuters тврдат дека неколку разговори се воделе и на 29-ти декември, на денот кога Обама ги најави новите санкции против Русија, а дотогашните ги продолжи ноќта кон саботата, како и оние против други земји.
Флин во американската и странската јавност е извонредно ценет како воено-разузнавачки експерт кој помагал во борбата против бунтовничките мрежи во Авганистан и во Ирак. Армијата ја напушти откако сегашниот демократски претседател Барак Обама во 2014 година му даде отказ од функцијата директор на воената Одбранбена разузнавачка агенција (DIA) по поплаките околу неговиот начин на раководење/крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.