Свет
Сојузникот на Меј предупредува: Може да ја изгубиме Северна Ирска поради брегзит
Демијан Грин, поранешен прв државен секретар и сојузник на Тереза Меј, за време на жестоката дебата сношти на „Би-би-си њузнјат“ ја предупреди британската премиерка да организира референдум за повторно обединување на Ирска како одговор на тврдокорните поборници за излез од ЕУ.
Грин учествуваше во програмата посветена на политиката на британската влада кон Северна Ирска. Иако тој посочи дека владата нема намери за воведување граница, коментаторот на Би-би-си побара од Грин да разјасни дали премиерката блефирала кога им рекла на евросептиците во својата партија дека ќе има уште една граница ако пресилно притискаат за брегзит.
„Не, таа, дефинитивно, не блефира. Речиси еднакво важна е практичноста на тоа. Мислам дека во голем дел од овој спор за границата, без разлика дали станува збор за Ирска или за други делови на Велика Британија, треба да ја разгледате практичноста. Сега знаеме дека има повеќе патишта што ја минуваат границата со Ирска отколку на источната граница на Европската Унија. Идејата дека може да имате традиционална граница таму не само што би била политичка глупост туку тоа нема никаква практична смисла,“ рече пратеникот.
Грин нагласи дека не им вели само на поборниците за брегзит да прават компромиси, туку дека тоа им го вели на сите.
„Им велам да бидат практични, да престанат да создаваат идеолошки кампови и да речат дека сè што сакаме е британската трговија да тече непречено.“
Пратеникот на ториевците, Џејкоб Рис-Мог, ѝ посочи на Тереза Меј дека нема сомневање оти Велика Британија ќе победи на кој било хипотетички референдум за границата со Ирска по што го спореди со гласањето за независност во Шкотска во 2015 година. Но, Меј веднаш му возврати велејќи му дека двете ситуации не се споредливи и дека е невозможно Велика Британија да биде сигурна за исходот од референдумот на цела територија.
Кампањата за повторно обединување на Ирска се засили по гласањето за излез од ЕУ, а Северна Ирска мнозински гласаше за да остане во Европската Унија. А со доближувањето на 100-годишнината од поделбата на Ирска во 1921 година поддршката за референдум за границата само ќе се зголеми во наредните месеци и години, особено со продолжувањето на процесот на брегзит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Бремена жена дошла на редовен преглед, лекарите по грешка ѝ направиле абортус во болница во Прага
Во трагичен инцидент претходно оваа недела во Универзитетската болница „Буловка“ во Прага 8 дошло до забуна кај лекарите за две жени што не биле од Прага, а тоа резултирало со абортус на бремена жена без нејзино знаење или желба, пренесуваат тамошните медиуми.
Здравствениот експерт вели дека, освен големата негрижа од страна на персоналот, за шокантниот настан придонела и јазичната бариера.
Кобната грешка се случила на 25 март, јавуваат чешките медиуми. Имено, една трудница дошла во болница на редовен преглед на бременоста. Меѓутоа, медицинските сестри, лекарите, гинеколозите и анестезиолозите ја помешале со друга трудница, која имала закажана киретажа (метод на абортус).
Така, бремената мајка била ставена под општа анестезија и лекарите по грешка ѝ направиле абортус.
„Министерството за здравство изразува најдлабоко жалење до пациентот и целото семејство“, рече портпаролот на Министерството, Онџеј Јакоб, во соопштението за печатот во четвртокот.
„Имаше неопростлива човечка грешка, а одговорните се разрешени“, додаде тој.
Од самата болница за информативниот портал „Новинки.чз“ изјавија дека се подготвени да платат отштета.
Според чешките медиуми, и двете пациентки биле странски државјанки, кои живееле во Чешка.
Официјалните лица не објавија никакви информации за идентитетот на жените.
Регион
Детаљно пребарани тунелите, каналите и шахтите, нема траги од Данка: се огласија српските полицајци
Специјалистички екипи за спасување од урнатини на Секторот за вонредни состојби од Белград и Нови Сад заедно со други припадници на МВР од раните утрински часови темелно ги пребаруваа тунелите, подземните канали и шахтите со вкупна должина од 4,5 километри во месноста Бањско Поле до градот Бор и не се пронајдени траги што би укажувале дека таму била двегодишната Данка Илиќ, пренесуваат српските медиуми.
По повеќе од 70 часа детаљно пребарување на теренот во Бањско Поле, припадниците на Министерството за внатрешни работи продолжуваат со интензивно и оперативно пронаоѓање на девојчето и утврдување сите факти и околности за исчезнувањето на детето, според последните извештаи.
Медиумите потсетуваат, од моментот на пријавување на исчезнувањето на 26 март во потрагата по исчезнатото девојче учествуваа стотина припадници на МВР, кои темелно и сеопфатно го прегледаа поширокиот и потесниот простор на ова место со вкупна површина од 10-ина квадратни километри.
Свет
„Фокс њуз открива“: САД потрошиле најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина
Американската влада потрошила најмалку 113 милијарди долари за војната во Украина, но таа сума може да се смета за многу поголема поради трошоците за замена на оружјето и муницијата испратени во Киев, процени Пентагон, дознава „Фокс њуз“.
„Фокс њуз“ во септември објави дека САД потрошиле вкупно 101 милијарда долари за војната во Украина.
Според документите од Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа испратени до сенаторот Џ. Д. Венс од американската сојузна држава Охајо, до која имал пристап „Фокс њуз“, САД потрошиле најмалку дополнителни 13 милијарди долари од септември за војната во Украина.
Директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа, Шаланда Јанг, во писмо до Венс рече дека американскиот Конгрес обезбедил 111 милијарди долари дополнителни средства како одговор на војната во Украина вклучувајќи безбедносна, економска и хуманитарна помош.
Јанг истакна дека вкупните средства вклучуваат и средства „кои не отишле директно во Украина“, туку се користат за поддршка на таа земја поради што понекогаш се појавуваат разни бројки за американската помош за Киев.