Европа
Столтенберг: Не можам да гарантирам кога Шведска и Финска ќе влезат во НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека не може со сигурност да каже кога Шведска и Финска ќе станат полноправни членки на алијансата.
Според него, причината е што не е сигурен дали овој воен сојуз ќе успее да ја убеди Турција, која се противи на членството на Финска и Шведска, да се премисли.
Двете нордиски земји официјално ја поднесоа својата апликација за членство во НАТО во мај, но тој процес беше веднаш блокиран од Турција, која бара Шведска и Финска да престанат да обезбедуваат заштита на Курдската народна партија, која Анкара ја смета за терористичка, но и да се укине ембаргото за оружје наметнато на Турција.
На прашањето дали има впечаток дека целата алијанса е сега заложник на Турција, Столтенберг одговори:
„Имаме систем заснован на консензус и така се носат одлуките во НАТО. Секогаш е така, една или неколку членки не се согласуваат со нешто и потоа тоа го надминуваме“, рече Столтенберг.
Според него, Стокхолм и Хелсинки дури неодамна аплицирале за членство.
„Сè уште целта ми е тие да станат членки на НАТО. Но, тоа не можам да го гарантирам, но можам да кажам дека тоа е мојата цел“, додаде тој.
Првиот човек на НАТО рече и дека Турција е важна членка на алијансата, која одигра клучна улога во борбата против тероризмот, а која има и важна геополитичка позиција во Црното Море, како и на границата со Ирак и Сирија.
„Значи, кога ќе изразат некаква загриженост, треба да седнеме и да разговараме за тоа и тоа е токму она што го правиме. А потоа, се надевам, ќе најдеме решение Шведска и Финска да станат членки на НАТО“, заклучи Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.