Европа
Столтенберг: Русија мора да разбере дека нема да има победници во нуклеарна војна
„Мораме да разбереме дека оваа војна ја започна Путин. Тоа беше негов избор. Ако сака, може да го заврши утре“ изјави за „Anadolu Agency“ генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Тој изјави дека Русија треба да разбере дека нема да има победник во нуклеарна војна и дека Украина има право да се брани.
За пораката што ја сподели по средбата со претседателот на Турција, Столтенберг рече дека „двајцата се согласивме за важноста да се поддржи Украина и да се стави крај на оваа руска војна против Украина. Им се заблагодарив на претседателот Ердоган и на Турција за нивните напори и во обезбедувањето поддршка на Украина и во олеснувањето на договорот за извоз на жито од Украина. Ова помага да се намалат цените на храната и е важно за целиот свет, особено за посиромашните земји. Турција одигра клучна улога во тоа да се овозможи“.
На прашање дали има членки во НАТО кои не сакаат да ја прекинат војната меѓу Русија и Украина, туку да ја пролонгираат за да се исцрпи Русија, првиот човек на Алијансата вели:
„Секако дека сите сакаат оваа војна да заврши, но мораме да разбереме што е тоа. Ова е офанзивна војна. Русија, Путин окупира друга земја. Се разбира, Украина има право да се брани за да ги врати териториите што Русија ги окупираше. Мораме да разбереме дека Путин ја започна оваа војна, тоа беше негов избор и тој може да ја заврши оваа војна утре ако сака. Во исто време, мора да разбереме дека ќе имаме мир ако Путин и Русија престанат да се борат. Ако Зеленски и Украина престанат да се борат, Украина ќе престане да постои како независна суверена нација. Затоа, имаме одговорност да ја поддржиме Украина, да и овозможиме да се бранат. Се разбира, верувам дека оваа војна во некоја фаза ќе заврши на преговарачката маса, но знаеме и дека она што Украина може да го постигне на преговарачката маса дефинитивно зависи од нејзината сила на бојното поле“.
Столтенберг порача дека НАТО „е најсилниот сојуз во историјата. НАТО претставува 50 отсто од светската воена моќ. Се разбира, ние сме подготвени да ги заштитиме и одбраниме сите сојузници на НАТО. Ова е за да се спречи конфликт, а не да се предизвика конфликт. Апсолутно е јасно дека Алијансата ќе одговори со основната мисија на НАТО „сите за еден, еден за сите“. Тогаш можеме да го одржиме мирот и да спречиме војна. Она што го гледаме од Русија е непромислено опасна нуклеарна реторика. Русија мора да разбере дека нуклеарната војна нема победник, дека никогаш не треба да се води и дека ќе има сериозни последици за Русија. Затоа, секоја употреба на нуклеарно оружје е нешто што Русија апсолутно треба да го спречи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германија уапси две лица: соработувале со Русите, планирале да ја саботираат армијата
Две лица, кои освен германско државјанство имаат и руско државјанство, се уапсени во Германија поради наводно планирање саботирање на воени објекти, вклучително и американски, со цел да ја поткопаат воената поддршка за Украина, соопшти денеска германското обвинителство. Властите извршија претрес во домовите и работните места на двајцата осомничени, кои се обвинети дека работеле за странска тајна служба, се наведува во соопштението на обвинителството.
Еден од осомничените, идентификуван како Дитер С., разговарал за можни заговори со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година, се посочува во соопштението.
Дитер С. подготвувал бомбашки напади и палење во воени објекти, вклучително и оние со кои управуваат американските сили, се додава во соопштението.
Според магазинот „Шпигел“, еден од објектите е воената база „Графенвоер“ во јужната сојузна држава Баварија, каде што украинските војници се обучуваат да управуваат со американските тенкови „Абрамс“. Руската амбасада во Берлин не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Намерата на акциите беше да се поткопа воената поддршка што Германија и ја дава на Украина против руската воена агресија“, се вели во соопштението на германските обвинители.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.