Свет
Страшно убиство во Атланта – бебе погодено со куршум во пукотница на две банди
Страшното убиство се случило на улиците на американскиот град Атланта, кога во пукотница која се случила меѓу членови на две банди, еден куршум залутал и погодил шестмесечно бебе додека мајката го возела во автомобил.
Несреќната жена најпрвин не ни видела дека нејзиното дете е погодено затоа што влетала во дожд од куршуми кои бандите ги размениле од две возила. Кога сфатила што се случило, некако успеала да го однесе бебето во болницата Грејди Меморијал, но лекарите можеле само да констатираат смрт.
Полицијата покрена итна истрага за инцидентот.
– Бебето беше случајна жртва на пукањето. Ги ангажиравме сите расположливи сили за решавање на овој случај. Нема да застанеме, ќе работиме во текот на ноќта да ги најдеме виновниците и да и дадеме некои одговори на оваа мајка која го загуби саканото битие – вети шерифот Родни Брајант на прес-конференцијата.
Според неговите зборови, несреќното дете било безгрижно во автомобилот на мајка си, а потоа станало жртва на бесмислено насилство.
– Луѓето денес не можат да го решат проблемот на поинаков начин, но веднаш се фаќаат за оружје. Тоа е многу загрижувачко – истакна Брајант и порача дека треба итно да се направи нешто за да се запре толку големото ширење на оружје на улиците.
– Не смееме повеќе да дозволиме сите овие криминалци да носат оружје и да им се закануваат на обичните, мирни граѓани – заклучи тој.
Слична порака испрати и градоначалникот на Атланта, Андре Дикенс, нагласувајќи дека проблемот со вооружениот криминал е огромен, а одговорните за смртта на бебето сигурно ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
– Убиено дете. Тоа е жртва на одлуката на возрасните да носат оружје и да ги решаваат проблемите на тој начин. Ги повикувам сите наши сограѓани да се запрашаат дали навистина ни треба повеќе такво нешто – заклучил Дикенс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.