Свет
Султанот од Брунеи бара од ЕУ толеранција на смртната казна за хомосексуалците
Во бизарен потег султанот од Брунеи во писмо до Европската Унија ја брани својата неодамнешна одлука за наметнување строги шеријатски казни во својата земја, пренесува „Гардијан“.
Султанот неодамна воведе строги нови закони во кралството Брунеи вклучувајќи ја и смртта со каменување за секој осуден за хомосексуалност, како и ампутации, камшикување и егзекуции за други злосторства, како што се кражба и прељуба.
Во своето писмо султанот ја повикува ЕУ да го преиспита своето гледиште за неговите нови закони, истакнувајќи дека тие ќе бараат непобитни докази за нивно спроведување, па така таквите пресуди ќе бидат ретки. Султанот се обидел да ги оправда своите брутални нови закони велејќи:
„Казните од хад (казни според исламскиот закон наметнати и одредени од Бога) – смртната казна и ампутацијата – за кражби, прељуба и содомија, бараат крајно непобитни докази: не помалку од двајца или четири мажи со висока морална положба и побожност како сведоци исклучувајќи ја секоја форма на посредни докази“.
Што се однесува до камшикувањето како казна, во писмото се вели:
„Сторителот мора да биде облечен, камшикувањето мора да биде со умерена сила, без да се подигне раката над главата, нема да резултира со расекување на кожата, ниту кршење на коските и не треба да се применува на лицето, главата, стомакот, градите или врз гениталиите“.
Необичната одлука да се испрати писмото, кое повикува на толеранција, почит и разбирање, доаѓа откако членовите на Европскиот парламент минатата недела гласаа за осуда на новите закони и шеријатските казни во Брунеи. Пратениците повикаа и на замрзнување на имотот за клучните официјални претставници на Брунеи, како и бојкот на извозот на Брунеи, како што се луксузните хотели во светот.
Универзитетот „Оксфорд“ неодамна донесе одлуката за преиспитување на својата почесна диплома доделена на султанот во 1993 година. Универзитетот претходно одби да ја повлече наградата и покрај осудата од целиот свет на одлуката на султанот да ги смири тврдокорните луѓе во неговата земја со наметнување строги шеријатски казни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Разузнавачки извор за „Си-ен-ен“: Директните напади меѓу Израел и Иран завршија
Регионален разузнавачки извор рече дека директните напади меѓу Израел и Иран се завршени.
Изворот разговарал за Си-Ен-Ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот вели дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина.
Претходно и висок ирански функционер изјави за Ројтерс дека „Иран нема план за итна одмазда против Израел“.
Израел се уште не потврдил дека го извршил нападот врз Иран, а тврдењата за нападот дојдоа од Вашингтон.
Од друга страна, од Иран доаѓаат контрадикторни информации, но нема официјален извештај.
Пред само еден час, ирански аналитичар изјави за иранската државна телевизија дека „мини-дроновите соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан биле управувани од инфилтратори од Иран“.
Претходно, пак, ирански функционер изјави за Ројтерс дека немало ракетен напад и дека експлозиите биле резултат на активирање на иранските системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Украина тврди дека соборила руски бомбардер
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле руски стратешки бомбардер првпат од почетокот на руската инвазија, а Москва објави дека авионот се урнал поради технички дефект и дека еден член на екипажот загинал.
„Првпат противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство во соработка со одбранбеното разузнавање на Украина го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел ‘ту-22М3’, кој носи крстосувачки ракети ‘Х-22’“, изјави командантот на украинските воздухопловни сили на „Телеграм“.
Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) соопшти дека рускиот авион „бил соборен благодарение на специјалната операција спроведена од украинското одбранбено разузнавање во соработка со воздухопловните сили“.
Руското Министерство за одбрана не потврди дека украинската страна нападнала еден нејзин авион, но воен извор изјавил за новинската агенција ТАСС дека бомбардерот „туполев-22М3“ се урнал во регионот Ставропол по борбена мисија додека се враќал во базата. Според овој извор, авионот не носел оружје.
Свет
САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН
Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“.
Воздржани беа Велика Британија и Швајцарија, а „за“ гласаа Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир.
Претходно вчера, заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН наведувајќи дека нема едногласно мислење меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполнуваат критериумите неопходни за да бидат дефинирани како држава.
Палестинската управа (ПА) го осуди потегот нарекувајќи го „нефер, неетички и неоправдан“.
Кабинетот на претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, го нарече американското вето „еклатантна агресија …туркање на регионот преку работ“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го пофали американското вето додавајќи: „Срамниот предлог беше отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.