Свет
Талибанците повикуваат на соработка и бараат одмрзнување на парите
Талибанските власти во Авганистан ја повикаа меѓународната заедница на соработка и добри односи иако избегнуваат цврсто да се посветат на обезбедување образование за девојчињата и покрај барањата што доаѓаат од светот да им овозможат на нивните деца од Авганистан да се вратат на училиште, пренесуваат медиумите во светот.
Речиси два месеца откако поранешната влада во Авганистан поддржана од Запад ја напушти земјата и бунтовничките сили влегоа во Кабул, новите талибански власти се обидуваат да ги подобрат односите со другите земји за да помогнат да се спречи катастрофална економска криза.
„Наместо притисок, меѓународната заедница треба да почне да соработува со нас. Ова ќе ја запре несигурноста и во исто време ќе се вклучи позитивно во светот“, рече вршителот на должноста министер за надворешни работи, Амир Кан Мутаки, на настан организиран од Центарот за конфликти и хуманитарни студии во Доха.
Талибанците досега одбиваа да им дозволат на девојчињата да се вратат во средно училиште, едно од клучните барања на меѓународната заедница, откако владата во Кабул минатиот месец одлучи да ги отвори училиштата за деца над шесто одделение, но само за момчињата.
Мутаки рече дека талибанската влада внимателно ги мери своите потези, но дека е на власт само неколку недели и дека не може да се очекува да ги заврши реформите што меѓународната заедница не успеа да ги спроведе за 20 години.
Талибанскиот министер ги повтори повиците до Вашингтон да ги одмрзне финансиските резерви на авганистанската централна банка во вредност над 9 милијарди долари, кои се чуваат надвор од земјата, но исто така рече дека владата има приходи од даноци, царински тарифи и земјоделство доколку тие средства останат замрзнати.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави претходно дека талибанците ги прекршиле ветувањата за гарантирање на правата на жените и девојчињата и дека нема начин да се подобри економијата доколку на жените им биде забрането да работат.
Тој исто така нагласи дека меѓународната заедница мора да најде начини да испрати пари за авганистанската економија за да спречи целосен колапс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стивен Сигал ги посети жртвите од терористичкиот напад во Москва
Актерот Стивен Сигал ги посети жртвите од терористичкиот напад во градското собрание Крокус во предградието на Москва, соопшти прес-службата на Министерството за здравство на Русија.
Сегал рече дека нападот е „страшна трагедија што не требаше да се случи“.
„Мислам дека Русија ќе послужи како пример и дека светот ќе разбере дека тоа не може да се направи на ниту една нација и да остане неказнето“, рече тој, пренесува РИА Новости.
Свет
Почина Џо Либерман, долгогодишен демократски сенатор во американскиот Конгрес
Џо Либерман, долгогодишен демократски сенатор во американскиот Конгрес од државата Конектикат и поранешен кандидат за потпретседател на САД, почина во средата на 82-годишна возраст.
Семејството на политичарот соопшти дека Либерман починал поради компликации предизвикани од падот, пренесува американскиот портал Политико.
Тој беше првиот еврејски кандидат на гласачкото ливче на големите американски партии, во 2000 година со претседателскиот кандидат Ал Гор.
Едно од неговите најголеми наследства е учеството во формирањето на Министерството за внатрешна безбедност по терористичките напади од 11 септември 2001 година.
Подоцна, во 2004 година, тој неуспешно се обиде да стане претседателски кандидат на Демократската партија, бидејќи демократите го сметаа за „премногу близок со републиканците“, според Политико.
Од политиката се повлече во 2012 година, а последен пат се врати во 2023 година како претставник на организацијата „Без етикети“, која на Американците требаше да им обезбеди трета опција, покрај Републиканската и Демократската партија.
Свет
Дупка од 10 метри голтна автомобили во Рим, полицијата ја затвори улицата
Бездна длабока и широка околу 10 метри проголта два автомобили среде ноќ во Рим, поради што интервенираше полицијата.
Инцидентот се случил околу еден часот по полноќ, а две возила, Дачија и Рено, завршиле во дупка, пренесува Телеграф.
Полицијата веднаш реагирала, ја затворила улицата и го обезбедила просторот, јавуваат италијанските медиуми.
Се уште не се знае зошто се урнал асфалтот.
Не се знае дали има повредени во инцидентот.