Свет
Тајван ќе донира 6 милиони долари на пет украински градови
Тајван денеска објави дека ќе донира 6 милиони долари на пет украински градови погодени од руската инвазија, вклучително и Харков, вториот по големина град во Украина, како поддршка и помош за обнова на училиштата и цивилната инфраструктура, се вели во соопштението на неговото Министерство за надворешни работи.
Во телефонски разговор со градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву рече дека Тајпеј ќе донира 2 милиони долари за Харков и дополнителни 500.000 долари за Чернихив, Миколаев, Суми и Запорожје.
– Народот на Тајван сочувствува и стои покрај народот на Украина, бидејќи долго време се соочуваме со закани од Кина – му рекол тој на Ву Терехов.
Тој се надева дека нивната помош во обновата на сериозно уништената цивилна инфраструктура може да ги ублажи ефектите од војната врз украинскиот народ.
Според соопштението, Терехов изразил благодарност и рекол дека со нетрпение очекува да го покани Ву во Харков по војната.
Телефонскиот разговор со градоначалникот на Харков уследи по разговорот со градоначалникот на Киев Виталиј Кличко во април, каде Тајпеј објави донација од 8,8 милиони долари за Украина, пишува Си-ен-ен.
Тајван нема официјални дипломатски односи со Украина.
Минатиот петок, тајванското Министерство за надворешни работи соопшти дека го завршило транспортот на 582 тони помош и материјали за украинскиот народ, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.