Свет
„Тајмс“: Путин испраќа 400 платеници во Киев за да го убијат Зеленски
Британски „Тајмс“ објави дека рускиот претседател Владимир Путин испраќа група од речис 400 платеници од т.н. вагнер-група за да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Групата „Вагнер“ е приватна милиција, која, според Тајмс, добила наредба од Владимир Путин да го убие Зеленски, како и 23 други украински владини функционери, што би ѝ олеснило на Москва да ја преземе контролата врз Украина.
Станува збор за група високообучени платеници контролирани од Евгениј Пригожин, близок соработник на рускиот претседател, кој често го нарекуваат готвачот на Путин. Тие наводно пристигнале пред пет недели и им биле понудени огромни суми пари за атентатот на Зеленски.
„Тајмс“ тврди дека сѐ уште се чека зеленото светло на Москва за мисијата. Заедно со Зеленски, на списокот на лица што треба да бидат убиени наводно се и украинскиот премиер, целата влада, градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, и неговиот брат Владимир. Според „Тајмс“, високи претставници на украинската влада биле информирани за нивните планови во саботата наутро.
Затоа, според „Тајмс“, во Киев бил прогласен полициски час, кој траеше 36 часа. На граѓаните им било кажано да останат во своите домови за да може војската да ги пребарува улиците на Киев во потрага по руски диверзанти. Граѓаните на Киев биле предупредени дека ризикуваат ликвидација доколку бидат фатени на улица за време на полициски час бидејќи украинската војска би можела да претпостави дека се саботери.
Извор запознаен со активностите на групата „Вагнер“ изјави за „Тајмс“ дека во Украина во јануари пристигнале меѓу 2.000 и 4.000 платеници, но со разни задачи. Некои од нив беа испратени во сепаратистичките региони Донецк и Луганск во источна Украина, а 400 од нив, кои добија наредба да го убијат Зеленски, од Белорусија се упатиле кон Киев.
Платениците наводно ги следат Зеленски и неговите колеги преку нивните мобилни телефони и тврдат дека знаат каде се во секој момент. Друг извор за „Тајмс“ изјави дека мисијата за убиство на Зеленски засега е паузирана, барем додека Русија преговора со Украина.
Претпладнево се водат разговори на границата со Белорусија.
Сепак, на платениците наводно им било кажано дека Путин нема намера да постигне мировен договор, а преговорите на белоруската граница ги искористил како стратешка измама.
Зеленски во неколку наврати изјави дека е цел број еден додавајќи дека руските специјални сили го бараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.