Свет
Тајпеј: Кина води информативна војна против Тајван
Тајпеј денеска го оцени како претерано тоа што Кина објави видео од стратешки важните острови Пенгу, каде се наоѓа голема тајванска воздухопловна база и рече дека не е точно оти кинеските сили се приближиле до островите, пренесува „Ројтерс“.
Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија, спроведе воени вежби околу островот претходно овој месец по посетата на Тајпеј од страна на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Источната воена команда на Кина, која е одговорна за областа околу Тајван, во понеделникот објави видео од островот Пенгу, очигледно направено од авион на кинеското воздухопловство, наведува британската агенција.
Заменик-началникот на штабот на тајванските воздухопловни сили им рече на новинарите во Тајпеј дека станува збор за кинеска информативна војна, но не понуди објаснување како настанала снимката.
Кина користи претерани трикови за психолошка војна за да покаже колку е блиску до островот Пенгу, што не е точно, изјави воен претставник во Тајпеј. Тајванското Министерство за одбрана, во извештајот за активностите на кинеското воздухопловство во близина на островот во понеделникот, на мапа покажа дека најблиску кинески авиони до Пенгу тој ден биле четири ловци Ј-16.
Според прикажаната карта, тие ја преминале централната линија на тајванската теснина, неофицијалната бариера меѓу двете страни, но останале поблиску до кинескиот брег отколку до овој остров, наведува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.
Регион
Силен земјотрес ја погоди Бугарија
Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран во 8:38 часот по локално време, на четири километри од Девин, на длабочина од девет километри.
🔔#Earthquake (#земетресение) M3.8 occurred 6 km SW of #Devin (#Bulgaria) 4 min ago (local time 08:38:05). More info at:
📱https://t.co/IbUfG7TFOL
🌐https://t.co/MSdvNiasPN
🖥https://t.co/ycq6JSIzuY pic.twitter.com/jACmTRndoJ— EMSC (@LastQuake) March 29, 2024
Речиси половина час пред овој земјотрес Бугарија ја погоди потрес со јачина од 2,4 степени според Рихтеровата скала.
Забележан е во 8:09 часот по локално време.
Во 08:42 часот е регистриран и трет земјотрес со јачина од 2,2 степени според Рихтеровата скала.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Европа
Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци
Автобус со околу 60 патници се преврте вчера на автопатот А44 во западната германска покраина Северна Рајна Вестфалија, јавува дпа. Во сообраќајката се повредени над 20 лица, извести полицијата синоќа.
Да потсетиме, ден претходно слична несреќа се случи во Германија кога автобус на „Фликсбас“ се преврте на автопатот во близина на градот Лајпциг на истокот од земјата. Во таа несреќа загинаа четири лица, а над 20 се повредени.
Автобусот излетал од патот и се превртел на страна во близина на градот Верл, 100 километри источно од Дизелдорф. Целосно е затворен делот од 20 километри од автопатот А44 од излезот Уна Ост до Верл во правец на Касел. На местото на несреќата пристигнале полицајци, пожарникари и спасувачки хеликоптер.
Полицијата првично соопшти дека 21 лице е полесно повредено, а едно е тешко. Подоцна, тие ја ревидираат бројката на 20 полесно повредени и еден тешко повреден. Портпаролот на полицијата изјави дека автобусот превезувал ученици од стручно училиште во Варбург кои се враќале од патување во Англија.
Се уште не е јасна причината за несреќата. Полицијата соопшти дека никој не е во животна опасност и дека во несреќата не учествувале други возила. Несреќата се случи само еден ден откако четири лица загинаа во автобуска несреќа во близина на Лајпциг во источна Германија.