Свет
Траги од коронавирус пронајдени на амбалажа од замрзната морска храна во Кина
Траги од коронавирус се пронајдени на пакувања замрзната морска храна во кинески град кој неодамна преживеа епидемија на корнонавирус, соопштија владините здравствени власти. До сознанието е дојдено во истрагата за неодамнешниот кластер на случаи на Ковид-19 во Кингдао, пренесува „Њујорк тајмс“.
„Потврдено е дека контактот со надворешното пакување контаминирано од коронавирусот може да предизвика инфекција“, се вели во соопштението на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Извештајот не сугерираше дека некое лице се заразило од вирусот од пакувањето замрзнат бакалар, кој потекнува од неодредена странска земја.
СЗО тврди дека не е потребно да се дезинфицираат материјалите за пакување храна иако официјалните лица нагласуваат дека треба добро да ги измиете рацете откако ќе работите со замрзната храна и нивното пакување.
Кина е една од неколкуте земји кои сугерираа дека смртоносниот вирус може да се пренесе преку замрзната храна. Официјални лица рекоа дека епидемија во Пекинг летово можеби потекнала од увезен лосос.
До последната епидемија, Кина не пријави нови случаи на коронавирус речиси два месеца. Властите веруваат дека двајца пристанишни работници заразиле десетина луѓе во болница.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД на својата страница вели: „Можеби луѓето можат да добијат Ковид-19 со допирање површина или предмет, како што се пакувањата храна или садовите за јадење на кои има вирус и потоа допирање на устата, носор или очите. Сепак, не се смета дека ова е главниот начин на ширење на вирусот “.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Снимка од приведувањето на три лица во БиХ кои на Тикток објавија дека ја држат Данка
Тројца мажи кои синоќа беа уапсени од Федералната полициска управа (ФУП), а по наредба на српската полиција, синоќа се донесени во просториите на ФУП во Сараево на понатамошна обработка.
Федералната полициска управа на Босна и Херцеговина, врз основа на информации од Министерството за внатрешни работи на Република Србија, Управа за технологија, уапси три лица кои се сомничат дека преку социјалната мрежа Тикток објавиле дека се поврзани со исчезнување на девојчето Данка Илиќ.
Уапсени се Б.Т.(2002), М.Т.(2001) и З.Т.(1972). Полицијата извршила претрес и утврдила дека информациите што ги дале се лажни.
Во текот на ноќта тројката заедно со Хаџиќ се донесени во просториите на ФУП, каде потоа ќе бидат предадени на надлежниот обвинител за понатамошна постапка, а видеото од нивното приведување го објави Министерството за внатрешни работи на Србија.
Свет
Голем руски ракетен напад врз украинските централи, штетата е голема
Русија ги нападна термоцентралите и хидроцентралите во централна и западна Украина со проектили и беспилотни летала, во уште еден од серијата напади врз веќе оштетената енергетска инфраструктура, објави електроенергетскиот оператор „Укренерго“.
„Во масовен и комбиниран напад, руските сили повторно ги гаѓаа енергетските објекти во текот на ноќта“, објави Укренерго на Телеграм. Оштетени се термоцентралите и хидроцентралите во централниот и западниот регион“, додава операторот.
Според локалните власти и министерот за енергетика Герман Гелушенко, нападнати биле енергетските објекти во областа Камиаске во близина на градот Днепро и енергетската инфраструктура во регионите Дњепропетровск, Полтава и Черкаси.
„Објектите за производство на електрична енергија беа нападнати со беспилотни летала и проектили“, рече Гелушенко.
Најголемата приватна енергетска компанија ДТЕК потврди дека биле нападнати три нејзини термоцентрали. Дистрибутерот на електрична енергија оваа недела објави дека ДТЕК изгубил околу половина од својот производствен капацитет.
Украинската армија објави дека соборила 58 од 60 лансирани руски беспилотни летала и 26 од 39 проектили.
Регион
Два силни земјотреси го погодија југот на Грција
Земјотреси со јачина од 5,7 и 4,3 степени според Рихтеровата скала утрово го погодија југот на Грција, соопшти Геодинамичкиот институт во Атина.
Земјотрес со јачина од 5,7 степени се случи во 9 часот и 12 минути на подрачјето на Јонското Море, а минута претходно е регистриран земјотрес со јачина од 4,3 степени, пренесува Катимерини.
Двата земјотреси беа почувствувани во многу региони на Грција, вклучувајќи ја и Атика. Професорот по динамичка тектоника и применета геологија Ефтимис Лекас на платформата Х напиша дека нема повредени и дека не е причинета штета, додека директорот на Геодинамичкиот институт Атанасиос Ганас рече дека причината што не е причинета материјална штета е тоа што зградите во областа се изградени според строги антисеизмички прописи.
Ганас изјави дека земјотресот со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала бил на длабочина од 20 километри, во централното Јонско Море, на допир на евроазиската и африканската плоча. Жителите од погодените подрачја велат дека противпожарните патроли ги утврдуваат сите проблеми предизвикани од земјотресите.