Свет
Трамп на 18-годишнината од најсмртоносниот напад во историјата на САД
Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес, третпат откако е на чело на САД, одбележа годишнина од терористичкиот напад во Њујорк на 11 септември 2001 година.
Во прогласот по повод годишнината која се одбележува како Ден на патриотите, Трамп се осврна на тоа колку јасно Американците се сеќаваат на моментот кога група терористи почнаа голем напад на американска почва, при што загинаа речиси 3.000 луѓе.
„Убавото септемвриско утро се претвори во големо неверување, мачна тага и длабоко страдање. Сепак, американската храброст и сочувство никогаш не беа доведени во прашање“, наведува Трамп во соопштението.
Над американското знаме, кое на Белата куќа се вееше на половина копје, Трамп им оддаде почит на жртвите со едноминутно молчење на јужниот тревник од резиденцијата. Покрај него беа првата дама, Меланија Трамп, и десетици членови на извршната власт.
Потоа тој замина на комеморација во Пентагон.
Потпретседателот Мајк Пенс ќе учествува на меморијалната служба во Шанксвил.
Нападот на 11 септември 2001 година се смета за најсмртоносен во историјата на САД, а одговорноста за него ја презеде терористичката организација Ал каеда, чиј лидер Осама бин Ладен беше убиен 10 години подоцна во Пакистан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.