Daily news
Трамп негира дека разговарал со конгресмени за можна воена интервенција во Сирија
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четвртокот дека не разговарал со претставници на Конгресот за преземање можни воени дејствија против Сирија поради наводниот напад на нејзините владини сили со хемиско оружје во северозападната покраина Идлиб, пренесува агенцијата Reuters, откако претходно телевизијата CNN објави дека Трамп известил некои конгресмени дека со шефот на Пентагон ја разгледуваат споменатата опција.
Според агенцијата, американскиот претседател Доналд Трамп негирал дека зборувал со конгресмени за наводна воена операција во Сирија како одговор на хемискиот напад со повеќе од 80 жртви, во текот на летот со претседателскиот авион кон Флорида. Таму во својата приватна резиденција во Мар-а-Лаго, Трамп ќе го пречека кинескиот претседател Кси Џинпинг.
Притоа Трамп повторил дека хемискиот напад претставува „срам за човештвото“. Одговарајќи на прашањето дали поради тоа сирискиот претседател Башар ал-Асад мора да ја напушти должноста, американскиот претседател рекол дека „Тој сега таму раководи со сé, претпоставувам дека нешто мора да се случи“.
„Не можеме да дозволиме да се случуваат такви нешта… Не сакам да зборувам за тоа што ќе се прави во односите со Сирија“, одговорил Трамп на прашањето за следните чекори на Вашингтон кон владата во Дамаск.
Агенцијата оценува дека американскиот претседател така ја негирал информацијата на телевизијата CNN, којашто претходно во четвртокот повикувајќи се на свои извори објави дека тој информирал неколку членови на Конгресот дека се разгледуваат преземање воени мерки против Сирија поради нападот во Идлиб.
Според Reuters, Трамп не ја исклучил можноста за телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин во врска со инцидентот во Сирија, за кој Москва смета дека сé уште е прерано да се посочи виновникот. Руското министерство за одбрана објави дека смета оти сириските воени авиони бомбардирале магацин со отровни агенси во Идлиб, кои терористите ги донеле од Ирак и ги користеле во битката за Алепо минатата година.
„Во одредено време можам“, рекол Трамп одговарајќи на новинарско прашање за можноста да разговара со рускиот челник. Притоа американскиот претседател истакнал дека не разговарал со Путин по наводниот хемиски напад во Сирија.
Истовремено и сенаторот од американската сојузна држава Вирџинија, републиканецот Ричард Блек, го повика претседателот Доналд Трамп да не започнува воена операција во Сирија.
На својот профил на Twitter, Блек изразува уверување дека одговорноста за хемискиот напад во Идлиб не паѓа на силите на сириската влада, туку на џихадистичката групација Исламска држава.
„Исламската држава се мајстори за манипулации и ние не можеме да ја доведеме Америка до работ на Третата светска војна само врз база првичните информации за нападите, добиени од терористите“, напиша Блек.
Според него, единствениот начин Исламската држава да го порази сирискиот претседател Башар ал-Асад е да се вовлечат САД во војната, како и дека најдобар начин за тоа е да се исценира напад врз жени и деца.
Сенаторот Блек смета дека соборувањето на Асад би ги зајакнало во овој момент позициите на екстремистите. „Асад кога-тогаш ќе ја порази Исламската држава, па зошто одеднаш тој би користел гас врз жени и деца, и така да го предизвикува гневот на Америка: Нема никаква смисла“, додава.
Републиканецот, исто така, ја споделува својата верзија зошто различни сили, особено од регионот, бараат отстранување од функцијата на сирискиот претседател Асад.
„Саудиска Арабија сака преку територијата на Сирија да минува нафтовод до Турција, но Асад е против тоа. Ова е единствениот начин да се ослободат од Асад“, напиша Блек на мрежата. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.