Европа
Турската полиција трага по напаѓачот што уби 39 луѓе на Нова година
Турската полиција трага насекаде по извршителот на терористичкиот напад во монденскиот ноќен клуб „Реина“ на самиот брег на Босфор, во кој досега загинаа 39 –мина, меѓу кои 15 странски државјани, а повеќе од 65 се повредени, од кои четворица се во тешка состојба.
Увидот и анализата на лице место сѐ уште траат, патиштата во близина на ноќниот клуб се затворени за сообраќај. Во тек е балистичка анализа на оружјето на напаѓачот најдено на местото на нападот, јави дописникот на Макфакс од Истанбул.
Терористичкиот напад изутрината го осудија највисоките инстанци на државата подвлекувајќи ја решителноста за борба против тероризмот. Претседателот на државата Реџеп Таип Ердоан во пораката која ја упати подвлече дека „целта на нападот била да се создаде хаос“, но додаде дека „такво нешто нема да биде овозможено“. Вицепремиерот Нуман Куртулмуш во изјавата што ја даде за јавноста истакна дека сѐ уште не може да се каже која организација е во прашање, но упати порака дека кој и да е во прашање „во 2017 ќе им биде сотрен коренот“.
Според очевидците не се работело за напаѓач кој бил облечен како Дедо Мраз туку дека терористот бил облечен во црно одело. Напаѓачот дошол со такси до ноќниот клуб и потоа отворил оган врз обезбедувањето на клубот при што е убиен еден полицаец и уште две лица. Откако го поминал обезбедувањето почнал да пука во луѓето во клубот сменувајќи шест шаржера. Потоа во општиот хаос кој настанал по нападот исчезнал.
Утрово, премиерот Бинали Јилдирим во својот кабинет во Истанбул одржа состанок во кој се направи оценка на немилиот настан, но не е издадено никакво соопштение во врска со настанот.
Додека сѐ уште никој не ја презел одговорноста за нападот во медиумите се прават анализи за начинот на нападот. Според оценките на експертите нападите на Исламска држава можат да се поделат на три вида: напади со возила, напади со бомбаши самоубијци и напади во ноќни клубови. „Новина е што во овој случај за првпат напаѓачот исчезнал и тоа може да наведе дека се работи за т.н. копиран напад од некоја друга организација“, изјави во својата оценка попладнево новинарот Невзат Чичек за турската телевизија НТВ (NTV). „Секој терор има цел, но освен првичната цел со него сака да се влее страв меѓу народот, тој е психолошка војна и фактот дека никој досега не презеде одговорност, наведува дека сака да се создаде психоза на несигурност со кој народот треба постојано да живее, а Турција да се перцепира како небезбедна земја однадвор“ истакна Чичек. (крај) ААК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.