Свет
Убиени здравствени службеници во напад на тим за вакцинација во Авганистан
Вооружени лица, кои денеска нападнаа членови на тимот за вакцинација против детска парализа во источен Авганистан, убија четворица здравствени службеници и ранија уште неколку лица.
Ниту една милитантна група досега не презеде одговорност за нападите, а заедно со четворицата убиени, ранети се уште најмалку тројца членови на здравствениот тим, изјави Јан Мохамед, координатор на вакцинација против детска парализа на истокот на земјата, пренесувaат агенциите.
Авганистан и соседен Пакистан се единствените преостанати земји во светот каде што детската парализа е ендемична откако минатата година Нигерија беше прогласена без вируси.
Во март терористичката организација Исламска држава прифати одговорност за убиството на три медицински сестри, кои беа дел од тимот за вакцинација против детска парализа, исто така во главниот град на авганистанската провинција Нангархар.
Авганистанската влада со помош на УНИЦЕФ се обидува да имунизира 9,6 милиони деца против детска парализа, а во 2020 година земјата објави 54 нови случаи на оваа болест.
Иако не се невообичаени во Авганистан, нападите врз тимовите за вакцинација против детска парализа се почести во Пакистан, каде што пакистанските талибанци и другите милитанти редовно вршат напади врз здравствениот персонал и безбедносните сили тврдејќи дека тие се дел од западниот заговор за стерилизација на децата или собирање разузнавачки информации.
Двајца полицајци, кои го обезбедуваа тимот за имунизација против детска парализа, беа убиени во северозападен Пакистан минатата недела, а нападите станаа почести кога беше откриено дека ЦИА користела лажна кампања за вакцинација против хепатитис за време на потрагата по водачот на Ал каеда, Осама бин Ладен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас повика на ескалација на сите фронтови
Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Бригада ал-Касам, повика на ескалација на сите фронтови во телевизискиот говор по повод 200 дена од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година.
Во видеото објавено од Ал Џезира, Абу Убаида го пофали нападот на Иран врз Израел на 13 април, велејќи дека директните напади со беспилотни летала и ракети „поставуваат нови правила, повлекоа важни паралели и ги збунија непријателот и оние што стојат зад него“.
Тој повика и на ескалација на Западниот Брег и во Јордан, велејќи дека тоа е „еден од најважните арапски фронтови“.
„Го повикуваме јорданскиот народ да ги засили своите акции и да го крене својот глас“, рече тој.
Абу Убаида рече дека Хамас останува на барањата што ги постави на разговорите за прекин на огнот, односно бара Израел да ја прекине воената офанзива, да ги повлече своите сили од Појасот Газа, да им дозволи на раселените да се вратат во северниот дел на Појасот Газа и да ја укине блокадата.
Во меѓувреме, Израел ги засили нападите низ Појасот Газа во вторникот, рекоа жителите, додавајќи дека тоа е едно од најлошите гранатирања во последните неколку недели. Армијата нареди нова евакуација на северот од палестинската енклава, предупредувајќи ги цивилите дека се наоѓаат во „опасна борбена зона“.
Во соопштението за платформата X, портпаролот на израелската армија Авичај Адраи ги повика жителите на четири зони во Беит Лахиа во северниот дел на Појасот Газа да се преселат во засолништа во две одредени области.
Новото гранатирање и бомбардирање на северниот дел на Појасот Газа доаѓа речиси четири месеци откако израелската армија објави дека ги повлекува своите војници, тврдејќи дека Хамас повеќе не ги контролира областите.
Израел, исто така, овој месец повлече поголем дел од своите сили од јужниот дел на Појасот Газа. Но, обидите да се постигне прекин на огнот не успеаја, а израелските бомбардирања и упади на територијата од која војниците се повлекоа го отежнуваат враќањето на раселените во своите домови.
Регион
Таткото на осомничениот за убиството на Данка Илиќ го откажал полномошното на адвокатот
Небојша Живановиќ, адвокатот на Радослав Д., таткото на Дејан Д., кој е осомничен за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, за Танјуг изјави дека неговиот клиент го откажал полномошното.
Радослав Д. е осомничен дека му помогнал на својот син да го премести телото на девојчето од депонијата на засега непозната локација.
Со оглед на тоа што го откажал полномошното на избраниот бранител, сега треба да му се определи бранител по службена должност на Радослав Д.
Биолошкиот брат на осомничениот Дејан Д., Далибор Д., почина на 7 април во Полициската станица во Бор, каде беше осомничен дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на двегодишното девојче.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детални проверки и информации ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобил, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот на автомобилот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето се уште не е пронајдено.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.