Свет
Украинското Обвинителство поднесе тужба за велепредавство против поранешниот претседател Порошенко
Канцеларијата на украинскиот државен јавен обвинител поведе истрага за велепредавство и злоупотреба на службената должност за поранешниот претседател Петро Порошенко по објавените преписи од неговите наводни разговори со поранешниот потпретседател на САД и со државниот секретар на САД, објави весникот „Украинска правда“.
Според извори во Обвинителството, истрагата е поведена во согласност со членовите од украинскиот Кривичен законик за велепредавство и злоупотреба на службената должност.
Во вторникот украинскиот пратеник Андреј Деркач објави аудиозаписи на телефонски повици, во кои, според него, Порошенко разговара за внатрешната политика на Украина со тогашниот потпретседател на САД, Џо Бајден, и со државниот секретар Џон Кери. Пратеникот рече дека разговорите биле кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година.
Во еден од разговорите меѓу Порошенко и Кери, кој наводно бил на 3 декември 2015 година, американскиот дипломат му вели на украинскиот претседател да размисли за решавање на проблемот со смена на генералниот обвинител Виктор Шокин. Кери исто така вели дека потпретседателот Бајден е загрижен поради проблемот.
Записите содржат и други информации што укажуваат на мешање на САД во внатрешните работи на Украина.
Меѓу другото, Бајден му вели на Порошенко да го национализира најголемиот украински заемодавател Приват банк додека американскиот претседател Доналд Трамп не ја преземе функцијата. Порошенко исто така им дава извештај на американските власти за покачување на тарифите за Украинците и за реформа на државните претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.