Европа
Украинците ги користат сателитите на Илон Маск за напад со дронови
Сателитите на Илон Маск ѝ обезбедуваат интернет на Украина. Програмата „Старлинк“, всушност, е наменета за цивилни цели, но сега очигледно ја користи украинската армија, пишуваат медиумите во светот.
Звучи како научна фантастика, но токму тоа се случува во Украина: веднаш по почетокот на руската операција, украинскиот вицепремиер Михаил Федоров преку „Твитер“ побара од американскиот претприемач Илон Маск да ѝ ги стави на Украина достапни неговите сателити „Стралинк“.
А Маск одговори на „Твитер“: „’Старлинк’ е активен, други терминали се на пат“.
Оттогаш значителна количина потребна опрема е испорачана во Украина. Федоров му се заблагодари и на „Твитер“: „’Старлинк’ е тука. Благодарение на Илон Маск“.
Значи, нема тајна преписка, нема долги дебати, нема контрола на влади или парламенти. Договорот беше објавен во јавноста меѓу политичарот, чија земја беше нападната, и контроверзниот милијардер, кој веќе го предизвика на дуел агресорот Путин.
Се чини дека она што првично изгледаше како рекламна кампања, во меѓувреме игра голема улога во одбраната на Украина. Иако информациите за успех засега не може да се потврдат од неутрални извори, британските медиуми јавуваат дека украинската армија успешно го користи „Старлинк“ за напади со беспилотни летала врз руски оклопни возила и позиции. „’Старлинк’ е од големо воено значење, особено во областите што немаат развиена инфраструктура и интернет-конекција“, пишува „Телеграф“.
Сателитите првенствено ги користи украинската единица „Аеророзвидка“ задолжена за воздушно извидување, за надзор и координација на беспилотни летала кои можат да бомбардираат оклопни возила, пишува британскиот весник.
Лондонски „Тајмс“ ја пренесува и изјавата на еден офицер на „Аеророзвидка“: „Ние користиме опрема ‘Старлинк’ и ги поврзуваме тимовите на дронови со артилеријта. Беспилотните летала може да ги одредат целите и позицијата за известување на артилеријата“.
Офицерот вели дека дневно се вршат и до 300 извидувачки мисии, а нападите се претежно ноќе бидејќи беспилотните летала се опремени со инфрацрвени камери и се речиси невидливи во темница.
Како што веќе беше кажано, сите овие наводи не може да се потврдат од независни извори, но дури и да е само пропаганда, употребата на „Старлинк“ во секој случај, но и психолошки, игра важна воена улога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Фон Дер Лајен: На Европа не и се заканува војна, но треба да бидеме подготвени и да произведуваме оружје
Европа во моментов не се соочува со непосредна закана од војна, но мора да биде подготвена за тоа, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Заканата од војна можеби не е непосредна, но не е невозможна. Треба да бидеме подготвени и тоа започнува со итната потреба за зајакнување и трансформирање на вооружените сили на членките на блокот“, рече Фон дер Лајен на Европскиот самит за одбрана и безбедност.
Според неа, ЕУ мора да произведе оружје од новата генерација за да „победи на бојното поле“.
„Европа треба да се стреми да развие и произведе нова генерација на оперативни способности за да победи во битките и да обезбеди доволно материјално количество и технолошка супериорност што можеби ќе и треба во иднина, а тоа значи турбо полнење на нашиот одбранбен индустриски капацитет во следните пет години,“ изјави Фон дер Лајен.
Европа
(Видео) Русите го гранатираа Чернихив, загинаа најмалку 13 лица, Зеленски бара дополнителна помош
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика западните партнери на потребната решителност и поддршка по рускиот ракетен напад врз северниот град Чернихив утринава, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Ова немаше да дојде до ова доколку Украина добиеше доволно опрема за противвоздушна одбрана и ако беше доволна решеноста на светот да се спротивстави на рускиот тероризам“, објави Зеленски на „Телеграм“.
Министерот за внатрешни работи, Ихор Клименко, во изјава за „Телеграм“ рече дека во нападот загинале најмалку 13 лица, а повеќе од 60 се повредени и дека спасувачките операции се во тек.
Во нападот беа оштетени и четири катни згради, болница, образовна институција и десетици автомобили, додаде тој.
Русија изврши напад со три крстосувачки ракети „Искандер“, изјави регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус во коментар за украинскиот јавен сервис „Суспилна“. Тој рече дека три проектили паднале во близина на центарот на градот и дека е оштетена цивилната инфраструктура.
Локалното население е повикано да дарува крв, изјави градоначалникот Олександр Ломако. Чернихив се наоѓа на речиси 150 километри северно од Киев, недалеку од границата со Русија. Кога руските сили ја нападнаа Украина во февруари 2022 година, Чернихив беше нападнат, но не беше преземен.
Европа
Во Германија уапсени 10 лица: за пари набавувале дозволи за престој на странци
Во Германија денеска во полициска акција се уапсени десет лица осомничени дека за големи суми пари набавувале дозволи за престој во Германија за странци од Кина и арапските земји.
„Главни осомничени се двајца адвокати од Келн, а истрагата се води против 38 можни члена на шверцерската банда и против 147 други лица, кои се занимавале со систематски шверц на луѓе“, се вели во соопштението на полициската управа на град веднаш до Келн, кои ја водат операцијата.
Осомничените се обвинети дека донеле странски државјани во Германија и ги набавиле потребните документи за големи суми пари, од 30 до 350 илјади евра. Осомничените основале фиктивни фирми и лажни адреси со кои се регистрирале лица од странство.
Весникот „Билд“ пишува дека меѓу осомничените има и вработени во неколку канцеларии за странци во регионот Рајнланд-Пфалц, кои издавале дозволи за престој за пари. Еден од нив е меѓу уапсените. Како што е соопштено, за време на рацијата била запленета и голема количина пари. Минатата година, со 300.000 бегалци и баратели на азил, Германија забележа значителен пораст на илегалниот влез во земјата.