Европа
Унгарски министер: Украинските лидери да престанат да ја навредуваат Унгарија
Унгарското МНР го повика амбасадорот на Украина за, како што велат, навредливите коментари од Киев за ставот на Будимпешта за руската инвазија.
Според „Ројтерс“, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, во коментар објавен три дена по реизборот на Орбан рече дека Унгарија ја осудила руската инвазија и го признала суверенитетот на Украина. Тој додаде дека Унгарија примила стотици илјади украински бегалци.
„Време е украинските лидери да престанат да ја навредуваат Унгарија и да ја признаат волјата на унгарскиот народ. Ова не е наша војна, затоа сакаме да останеме надвор од неа“, рече Сијарто, мислејќи на победата на Орбан на изборите во Унгарија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Орбан се плаши од влијанието на Русија и дека ќе мора да избере меѓу Москва и „оној свет“. Орбан ја осуди руската инвазија на Украина и не стави вето на санкциите на Европската Унија против Москва.
Сепак, Орбан јавно не го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин и рече дека не се согласува со санкциите против Русија. Тој ја отфрли идејата за ограничување на увозот на нафта и гас од Русија и рече дека тоа ќе ја уништи унгарската економија, пренесуваат медиумите.
Орбан извојува убедлива победа на парламентарните избори во Унгарија во неделата. По изборите, тој се соочи со критики од полските власти за неговиот внимателен став за војната во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.