Свет
УНХЦР: Забележано е менување на движењата на бегалците во Европа
И покрај намалениот број бегалци и мигранти кои пристигнаа во Европа минатата година, опасностите со кои многу од нив се соочуваат во текот на патот во некои случаи се зголемени, се вели во новиот извештај на УНХЦР. Забележани се и изменети рути на движење.
Извештајот открива дека поморските пристигнувања во Италија, најмногу од Либија, се драстично намалени од јули 2017 година. Ова намалување продолжило во првите три месеца од 2018 година, со пад од 74 проценти споредено со минатата година. Патувањето кон Италија се покажува како сè поопасно, а стапката на смртност кај лицата кои преминуваат од Либија се зголеми на 1 на секои 14 лица во првите три месеца од годинава, споредено со 1 на секои 29 лица во истиот период лани.
Извештајот на УНХЦР известува за раст во бројот на пристигнувања во Шпанија и Грција во вториот дел од 2017.
Во Грција вкупниот број лица пристигнати по море се намалил споредено со 2016, но забележан е раст од 33% помеѓу мај и декември минатата година со 24.600 пристигнати лица споредено со 18.300 лица во истиот период во 2016. Повеќето се по потекло од Сирија, Ирак и Авганистан, вклучувајќи и голем број семејства со деца.
Поради зајакнатите рестрикции во Унгарија, многу бегалци и мигранти прибегнуваат кон алтернативни рути за да се движат преку Европа, вели извештајот. На пример, некои преминуваат од Србија кон Романија, додека други се движат од Грција преку Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина кон Хрватска.
Згора на изгубените животи на море, најмалку 75 други лица го изгубија животот по должина на копнените рути на надворешните граници на Европа или внатре во Европа во 2017, со континуирани и сериозно загрижувачки информации за нерегуларно враќање.
Извештајот на УНХЦР исто така ги потенцира и злоупотребите и изнудувањата што ги трпат бегалците и мигрантите од трговците со луѓе, криумчарите или вооружените групи кои се активни на разни рути кон Европа.
Извештајот, сепак, покажува мал добредојден напредок во бројот на бегалци кои се преселени во Европа минатата година, со раст од 54% споредено со 2016. Поголемиот дел од тие 26.400 бегалци се Сиријци (84%) и се преселени од Турција, Либан и Јордан. Од европските земји, Обединетото Кралство, Шведска и Германија го примиле најголемиот дел од нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.