Свет
„Фајзер“: Нашата вакцина е 100 проценти ефикасна за адолесцентите
Резултатите од клиничките испитувања на вакцината на „Фајзер“ покажаа дека нејзината ефикасност е 100 проценти кај млади луѓе на возраст од 12 до 15 години.
„Фајзер“ планира бргу да ги достави податоците од клиничкото испитување до Американската управа за храна и лекови за продолжено одобрување за итна употреба на вакцината со две дози.
Во третата фаза од студијата учествувале 2.260 лица, на возраст од 12 до 15 години од САД, а вакцината предизвика силни реакции на антитела еден месец по втората доза – надминувајќи ги антителата развиени од луѓе на возраст од 16 до 25 години. Вакцината во моментот е одобрена во САД за итна употреба кај луѓе постари од 16 години, пишува Си-ен-ен.
Кога станува збор за несаканите ефекти на вакцината кај тинејџери, „Фајзер“ известува дека тие се слични на оние кај популацијата од 16 до 25 години – болка на местото на инјектирање, замор и треска.
Учесниците ќе бидат следени поради заштита и безбедност две години по приемот на втората доза.
Научниците може да го дефинираат бројот на антитела што ги штитат возрасните, а потоа да го бараат тоа ниво на антитела и кај децата за да знаат дали и во која мера вакцината обезбедува заштита. Затоа, за истражување на ефикасноста на вакцината кај деца и адолесценти биле потребни помалку волонтери отколку кај возрасните.
„Фајзер“ се надева дека вакцинирањето на помладата популација ќе почне пред почетокот на следната учебна година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.
Свет
(Видео) Пратеник во ЕУ пушти гулаб во знак на мир
Словачки пратеник во Европскиот парламент денеска привлече внимание со пуштање жива птица од говорницата по својот говор. Како што рече, тоа го направил во знак на мир во светот.
На збунетост и изненадување на присутните претставници во Стразбур, Мирослав Радачовски, лидер на десничарската партија Словачки патриот, посегна во чантата што ја имаше под јакната и го пушти гулабот да одлета во собраниската сала.
Тој рече дека „сака мир за целиот свет, за Русите и Украинците“.
„Би сакал да го ослободам овој гулаб како симбол на мирот, да симболизирам дека на Европа ѝ треба мир. Да оставиме овој гулаб да нѐ обедини сите“, рече Радачовски.
Сепак, иако сакаше да ги обедини присутните, некои ги згрози.
Каролин Руз, француска пратеничка во Европскиот парламент од редовите на зелените, го критикува велејќи дека користел живо животно за да даде политичко мислење, што е спротивно на правилата на парламентот.
„Тој употреби животно, скриено во неговата торба како едноставен предмет, само за да даде изјава за мир денес. Што ќе направите за да го вратите ова животно, господине? Каде е благосостојбата на животните во гестот на овој говорник? Сметам дека ова е апсолутно неприфатливо“, рече Руз.
Додека птицата леташе во салата, друг колега го праша Радачовски: „Можеш ли да ја фатиш“.
Јан-Кристоф Отјен, заменик-претседател на парламентот, рече дека инцидентот ќе биде пријавен кај претседателот на домот, додавајќи: „Се надеваме дека животното ќе биде добро“.