Свет
Франција набргу ги укинува маските и во затворено
Од 28 февруари носењето маска за лице во Франција повеќе нема да биде задолжително во затворени простории, каде што се бара сертификат за вакцинација, освен во јавниот превоз, соопшти Министерството за здравство истакнувајќи дека здравствената состојба е подобрена.
„Потврдата за вакцинација ни овозможува во ситуации, каде што епидемискиот притисок значително опаднал, да ја укинеме обврската за носење маска во институциите што примаат повеќе луѓе, како што правевме пред овој бран“, рече министерот за здравство, Оливие Веран, за АФП.
Носењето маска, што повеќе не е задолжително на отворено од 2 февруари, повеќе нема да биде задолжително во затворени простории за кои е потребен сертификат за вакцинација, односно во забавни објекти, ресторани, барови, саеми и слично.
Но, тоа сепак ќе биде задолжително во јавниот превоз и на места каде што не е потребен сертификат за вакцинација, се вели во соопштението на Министерството.
Втората отстапка, која веројатно ќе биде кон крајот на месецот, се однесува на системот за следење луѓе што биле во контакт со позитивно лице: тие ќе треба да направат само еден тест во иднина, не повеќе од три дена откога ќе бидат информирани дека биле во контакт со заразено лице.
А здравствениот протокол во училиштата треба да биде помалку строг по двонеделниот прекин, кој, во зависност од провинцијата, трае од 12 февруари до 7 март, со укинување на маската кога часот по физичко образование се одржува на отворено, соопшти Министерството за образование. А бројот на самотестови за ученици што биле во контакт со заразено лице од 28 февруари ќе се намали од три на еден ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Принцот Вилијам проговори за Кејт Мидлтон: „Жал ми е што не е тука со нас“
При посетата на едно училиште во Велика Британија, принцот Вилијам се извини што неговата сопруга Кејт Мидлтон не била со него.
Конечно се врати на обврските откако извесно време беше на пауза поради приватни причини.
Во разговор со член на персоналот, Вилијам накратко ја спомна сопругата Кејт.
„Жал ми е што Кејт не може да биде тука со нас. Таа сакала”, рекол Вилијам.
Медиумите потсетуваат дека минатиот месец принцезата Кејт Мидлтон објави дека се бори со рак, но во видеото кое го објави не прецизираше за каков вид на рак се работи.
По Божиќ се повлече од јавноста, а во јануари имаше операција на абдоменот.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Свет
Русија со најава: Ги преместуваме системите „Искандер“ на границата со Финска
Русија најави дека ќе ги премести ракетните системи способни да носат нуклеарно оружје на границата со Финска. Прокремљскиот весник „Известија“ минатата недела објави дека руското Министерство за одбрана формирало посебна ракетна бригада во руската република Карелија со системи „Искандер-М“, кои можат да лансираат конвенционални и нуклеарни ракети.
Русија ја нарече провокативна, одлуката на Финска за влез во НАТО, а потоа и приемот на Шведска. Искандерите се сметаат за централен дел на новоформираниот руски воен округ Ленинград (ЛМД), кој беше создаден како одговор на пристапувањето на Хелсинки во НАТО.
Генерал-мајор Хари Ора-ахо, поранешен директор на финската воена разузнавачка агенција, го коментираше овој потег.
„Ако ова се оствари, нема да промени ништо“, напиша тој на X. „Во секој случај, ние треба да се браниме од ракетите Искандер“, рече тој, додавајќи дека такви проектили веќе се распоредени јужно од Санкт Петербург.
„Оперативно изгледа апсурдно да се приближуваат вакви ракетни системи со долг дострел до нашата граница, тие се лесни цели за нас“, додаде тој.