Свет
Француските пратеници го прекинаа гласањето за пропусницата за вакцинација
Француската министерка за здравство Оливија Веран објави дека во оваа земја за само еден ден може да има близу триста илјади новозаразени со Ковид-19.
Сето ова се случува во моментот кога Собранието ноќта меѓу понеделник и вторник го прекина гласањето за новиот предлог-закон за воведување на пропусницата за вакцинација.
Пратениците со кревање раце решија да не ја продолжат расправата по полноќ.
Надлежните се гневни затоа што брзаат овој документ да стапи во сила. Министерот за здравство ваквото однесување го оцени како неодговорно, а премиерот Жан Катекс истакна дека пратениците нема да работат по полноќ, додека лекарите среде пандемија не прашуваат за работното време.
Владата нагласува дека ќе се потруди да го почитува календарот, односно пропусницата да стапи на сила „околу 15 јануари“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Захарова: Киев продолжува отворено да најавува терористички напади врз Русија
Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи, на брифинг со новинарите рече дека режимот во Киев продолжува отворено да најавува планирани терористички напади врз Русија.
„Режимот во Киев продолжува отворено да најавува планирани терористички напади на руска територија, чии детали, нема да верувате, се детално дискутирани во западниот печат“, рече Захарова, според државната руска новинска агенција ТАСС.
Захарова наведе дека во украинските напади се повредени руски цивили и додаде дека украинските специјални служби не се откажуваат од „масакрите на нивните поранешни сонародници“.
„Просветените, како што се нарекуваат себеси, престолнините на колективниот Запад сè уште не го оквалификуваат ова како терористички напад. Како можат да го оквалификуваат како таков? Во спротивно, ќе мора да донесат резолуции и закони со кои се осудува нивното спонзорство на тероризмот“, изјави Захарова на новинарите, пишува ТАСС.
Регион
Во Црна Гора 79 отсто од граѓаните се за влез во ЕУ: осум отсто повеќе од 2022 година
Доколку денеска би се одржал референдум за влез на Црна Гора во Европската Унија, за влез би гласале 79 отсто од граѓаните, што е осум отсто повеќе од 2022 година, покажува истражувањето спроведено од 2 февруари до 4 март годинава за потребите на Центарот за истражување на Меѓународниот републикански институт, објави РТЦГ.
Осум проценти би биле против влез, што е за три помалку од две години порано. На референдум не би излегле 10 отсто од испитаниците, два помалку од 2022. Три отсто од нив немале одговор.
На прашањето дали ЕУ е сериозна да им понуди членство на земјите од Западен Балкан, позитивно размислуваат 59 отсто од испитаниците, додека 28 отсто сметаат дека Брисел не е сериозен во таа намера. 13 отсто од нив немале одговор.
На прашањето каков треба да биде надворешнополитичкиот курс на земјата, 36 отсто од испитаниците одговориле дека тој треба да биде проевропски и прозападен. Од друга страна, само три проценти би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски. 22 отсто од нив одговориле дека подеднакво треба да се свртат кон Запад и кон Русија. 17 отсто од нив би сакале курсот на Црна Гора да биде проруски, но и да ги одржува односите со ЕУ и Западот. Осум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за најважен сојузник за вашата земја, 32 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е Србија, а 20 отсто се изјасниле за САД. Девет отсто се определиле за Русија, шест за Турција и три за Кина. Седум отсто од нив немале одговор.
На прашањето која земја ја сметате за закана, 19 отсто од испитаниците ги навеле САД, додека 17 отсто мислеле на Русија. Србија ја споменале 10 отсто од испитаниците, Албанија осум, а Косово седум. 11 отсто од нив немале одговор.
Свет
САД и Британија воведоа санкции кон Иран, насочени кон производителите на дронови
Соединетите држави и Велика Британија денеска воведоа санкции против Иран, насочени кон „иранската програма за беспилотни летала, челичната индустрија и производителите на автомобили“, потег по нападите врз Израел минатиот викенд, соопшти американското Министерство за финансии.
„Санкциите на Вашингтон се насочени кон 16 поединци и два ентитети кои овозможуваат производство на ирански беспилотни летала, вклучувајќи ги и дроновите Шахед користени за време на нападот на 13 април“, се вели во соопштението.
Денеска официјално беше објавено дека Велика Британија воведе санкции и за иранските воени субјекти, вклучително и Генералштабот на вооружените сили и морнарицата на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
И овие мерки следеа по иранскиот ракетен и беспилотен напад врз Израел минатиот викенд. Британскиот премиер Риши Сунак во понеделникот изјави дека членовите на групата Г7 работат на пакет координирани мерки против Иран.
Британските санкции се насочени кон вкупно 13 субјекти или поединци, се наведува во британското соопштение.