Свет
Црни пазари за негативни тестови на Ковид-19 никнуваат во целиот свет
Црни пазари за негативни тестови на Ковид-19 никнуваат во целиот свет бидејќи повеќето земји за влез бараат потврда дека патниците не се заболени со вирусот, пренесува „Њујорк пост“.
Во Франција минатата седмица беа уапсени седум лица за наводно продавање фалсификувани тестови на коронавирус на меѓународниот аеродром „Шарл де Гол“, објави „Асошиетед прес“. Осомничените, кои не беа идентификувани, наплаќале до 360 американски долари за лажните тестови.
Според извештајот, властите го откриле криминалот кога пронашле човек што со лажен тест патувал кон Етиопија. Измамниците се соочуваат со затворска казна од пет години ако бидат осудени.
Во Јужна Америка бразилските власти уапсија четворица туристи што покажале лажни тестови.
Во Англија еден човек изјавил за локален весник дека успеал да отпатува во Пакистан користејќи го негативниот тест на Ковид-19 на својот пријател на кој го сменил името.
„Можете, едноставно, да го добиете нивниот негативен тест и да ги промените името и датумот на раѓање со ваши податоци. Исто така, ставате датум на тестот кој е во потребниот рок. Ја преземате електронската порака, ја менувате и потоа ја печатите“, рекол човекот, кој не сакал да биде именуван, за „Ланкашир телеграф“.
Тој додал дека се решил на ваков потег затоа што не можел да добие термин за тестирање.
„Луѓето го прават ова бидејќи не може да добијат тест на Ковид-19 ако треба да патуваат некаде итно. Тешко е да се добие термин, освен ако не сте суштински работник“, рекол тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН: Две третини од 36-те болници во Газа повеќе не функционираат
Две третини од 36-те болници во Појасот Газа повеќе не функционираат, а болницата Ал-Амал е затворена поради интензивна воена активност, се вели во извештајот на хуманитарните претставници на Обединетите нации.
Светската здравствена организација објави дека Газа сега има само 12 функционални болници, вклучувајќи две „минимално функционални“ и десет делумно, четири на север и шест на југ, изјави за новинарите портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.
Повеќе од дваесет вработени, десет пациенти и луѓе кои ги придружуваа, како и телата на две лица, убиени во болницата Ал-Амал вчера беа преместени од страна на хуманитарната канцеларија на ОН, палестинската Црвена полумесечина и Меѓународниот комитет на Црвениот крст пред да биде затворена болницата.
Андреа Де Доменико, кој раководи со хуманитарните операции на ОН на палестинските територии, ја посети болницата Камал Адван на север, која е делумно функционална, и рече дека прима 15 неухранети деца дневно и дека се бори да продолжи да работи.
Портпаролот на ОН рече дека единствениот генератор на болницата е тешко оштетен и дека здравствените работници и пациентите имаат очајна потреба од храна, вода и канализација.
Според Светската програма за храна, околу 70 отсто од населението на северот на Газа се соочува со „катастрофален глад“, а напорите за испорака на помош се отежнати поради борбите и ограничениот пристап до оние на кои им е потребна храна.
Овој месец, Светската програма за храна можеше да испрати само 11 конвои на север со храна за околу 74.000 луѓе, што е далеку под огромните потреби на населението.
Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека убила повеќе од 200 вооружени лица во континуираната операција против Хамас во болницата Ал-Шифа во градот Газа.
Според израелските медиуми, вооружени членови на Хамас излегле од оперативната сала каде се криеле и пукале во војниците.
Свет
Џакарта повеќе нема да биде главен град на Индонезија
Парламентот на Индонезија одлучи поранешната метропола Џакарта да остане економски центар на земјата како дел од планот за преселување на главниот град на островот Борнео.
Индонезија планира да го пресели својот главен град од преполната Џакарта во Нусантар, град вреден 32 милијарди долари кој се гради во џунглите на Источен Калимантан, Борнео.
Градот е водечки проект на претседателот во заминување Јоко Видодо, кој вети подобра дистрибуција на богатството и развој низ архипелагот, не само на островот Јава.
Министерот за внатрешни работи Тито Карнавијан по дебатата во парламентот рече дека Џакарта сè уште ќе треба да се развива понатаму за да се натпреварува со другите „градови од светска класа“ откако седиштето на владата се пресели во Нусантара.
„Откако повеќе не е главен град, Џакарта сепак мора да има печат на посебен град за да може да го забрза економскиот раст и да го зголеми својот придонес во БДП на земјата“, рече тој.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на Телеграм: „Се повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека во моментов не се планира блокирање на социјалната мрежа Телеграм во Русија.
„Не, во моментов нема такви планови“, изјави Песков за каналот Шот на прашањето дали Русија планира да го блокира Телеграма.
Тој додаде дека основачот на таа платформа Павел Дуров треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров, бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација, се повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува РИА Новости.
Како што изјави во средата за РИА Новости, извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на Телеграм, Глас Хорасан, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на Државната дума од Обединета Русија Олег Морозов денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на Телеграм кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.