Свет
Членките на НАТО денеска ги потпишуваат протоколите за прием на Шведска и Финска
Членките на НАТО денеска ќе ги потпишат пристапните протоколи неопходни за покана на Шведска и Финска во воената алијанса на церемонија во седиштето на НАТО во Брисел. Шведската министерка за надворешни работи Ен Линде и нејзиниот фински колега Пека Хаависто ќе учествуваат на церемонијата заедно со претставници на 30 членки на западната воена алијанса.
Протоколите му дозволуваат на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг да издаде официјална покана до Шведска и Финска да се приклучат кон алијансата, но процесот на ратификација може да потрае. Потенцијалните членки мора да ги поминат протоколите, процес кој обично ги вклучува националните парламенти. Се проценува дека ќе бидат потребни уште шест до осум месеци пред Шведска и Финска да влезат во НАТО.
Протоколите за пристап можеа да бидат потпишани порано, но Турција се согласи во последен момент пред почетокот на самитот на НАТО во Мадрид минатата недела да се откаже од своето противење за прием на нордиските земји.
Анкара ги обвини Стокхолм и Хелсинки за поддршка на Курдистанската работничка партија (ПКК) и милицијата ЈПГ со седиште во Сирија, кои Турција ги смета за терористички групи. Двете земји ги отфрлија обвинувањата.
Потресени од руската инвазија на Украина, Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО на 18 мај. Но, Турција ја блокираше нивната кандидатура со недели поради стравувањата поврзани со тероризмот. Имено, за секое ново влегување во НАТО потребно е едногласност на сите членки.
Блокадата заврши откако тројцата водачи се согласија да соработуваат на низа напори за борба против тероризмот, вклучително и договори за екстрадиција и откако ветија дека ќе го укинат ембаргото за оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Индија почнаа изборите кои ќе траат шест недели, а ќе гласаат околу 970 милиони гласачи
Денеска започнаа најголемите избори во светот, а околу 970 милиони регистрирани гласачи во Индија учествуваат во овој огромен процес кој ќе се одвива во седум фази и ќе трае дури шест недели.
Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат во земјата со 1,4 милијарди жители. Гласачите всушност не го избираат директно премиерот, туку 543-те пратеници на Лок Сабха, долниот дом на парламентот на најнаселената земја во светот, објави Дојче веле.
На натпреварот учествуваат шест национални партии, 57 партии од индиски сојузни држави и 2.597 помали партии. Сепак, главната трка ќе биде меѓу двете најголеми политички партии во Индија: владејачката Индиска народна партија (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) или скратено Конгресната партија.
За да се спротивстави на владејачката БЈП и премиерот Моди, Конгресната партија формираше сојуз од 28 партии наречен Индискиот национален развој инклузивен сојуз.
Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду-националистичка БЈП се очекува да победат на изборите оваа година.
Моди е популарен лидер, делумно благодарение на агендата насочена кон хинду мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението.
Свет
Русија повика на воздржаност помеѓу Израел и Иран
Русија повика на воздржаност по информациите за напад на Израел врз Иран.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска за новинарите дека Русија ги проучува деталите за нападот и дека ќе го коментира откако ќе се разјасни неговата природа.
– Во секој случај, без разлика на се, продолжуваме да се залагаме за воздржаност од двете страни за да нема дејствија што би предизвикале натамошна ескалација на тензиите во регионот – рече Песков.
Русија и Иран имаат блиско партнерство. За време на инвазијата на Украина, Москва користи беспилотни летала Шахед од иранско производство.
Свет
(Видео) Туристи малтретирале мечиња за селфи, па ги фатила полиција во Северна Каролина
Во станбен комплекс во округот Бункомб, Северна Каролина, шест лица се снимени како влечат мали мечиња од гранките на дрвото за кои се држеле, а сè со цел да позираат за фотографија. Шестемина ги тегнеле двете мечиња, а едното дури им испаднало од рацете во текот на снимањето.
Кога снимките од инцидентот стигнале до експертите што се занимаваат со заштита на дивите животни, тие веднаш излегле на терен и повикале полиција. Меѓу нив бил и биологот Ешли Хобс, која за „Еј-би-си 13 њуз“ рекла дека кога пристигнала до дрвото каде што луѓето се фотографирале, пронашла само едно мече. Целото било влажно и смрзнато, па било дадено на човечка грижа и нега за да закрепне. Поради тоа, сосема е можно никогаш да не може да се вратат во дивината бидејќи мечките што растат со луѓе потоа не сакаат да ги напуштат. Неверојатно, но можно е некој да ѝ го уништил животот на мечката само за да добие убава фотографија за социјалните мрежи.
„Мечето преживеа големо трауматско искуство. На луѓето што го направија тоа им објаснивме колку е неодговорно и потенцијално смртоносно за мечето да се одвои од мајка си, а особено на овој начин да го влечат од дрвото“, рекла Хобс, пренесува „Унилад“.
По објавувањето на видеото, многумина се згрозиле од она што го направиле овие луѓе. За сето тоа морало да разговараат и со полицијата.