Свет
Шефот на американската дипломатија на турнеја по Блискиот Исток, прва станица му е Египет
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, пристигна во Каиро, прва дестинација од турнејата на Блискиот Исток каде повторно се разгоре израелско-палестинскиот конфликт, со минимални шанси да се искористи американското влијание за да се намалат тензиите.
Пред да замине за Ерусалим и Рамала, каде што ќе престојува утре и вторник, Блинкен се среќава со египетскиот претседател Фатах ал-Сиси и министерот за надворешни работи Самех Чукри.
Во Египет, главен регионален сојузник на САД, Блинкен првенствено ќе разговара за Либија и Судан, но веројатно во тие дискусии ќе доминира конфликтот меѓу Израел и Палестинците. Каиро, имено, традиционално ја игра улогата на посредник меѓу двете страни.
Безбедносната ситуација во Израел и на палестинските територии драстично се влоши, со палестинските убиства на цивили пред синагога и интервенција на израелската армија во Џенин, на Западниот Брег.
Во четвртокот девет Палестинци беа убиени, а 20 ранети во судирите со израелските војници во Џенин на Западниот Брег. Израел објави дека операцијата во Џенин била спроведена со цел апсење на членови на милитантната група Исламски џихад.
Потоа, во палестинските напади вчера и петок беа убиени седум лица, а 12 беа ранети. Вчера две лица беа ранети во напад во источен Ерусалим, кој израелската полиција го опиша како терористички напад, додека ден претходно во напад на синагога во истиот град загинаа седум, а ранети беа десет Израелци. Нападот на синагогата беше извршен на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
Во светлината на повторното разгорување на насилството, треба да се очекува Блинкен да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас за потребата од примена на итни мерки за смирување на ситуацијата.
САД претходно најостро го осудија нападот во Источен Ерусалим како грозоморен чин и рекоа дека посветеноста на САД за безбедноста на Израел останува цврста. Но, се чини дека просторот за маневрирање на американскиот државен секретар е ограничен на повици за смиреност и аналитичарите не очекуваат премногу од посетата на Блинкен. Сметаат дека Вашингтон ќе застане на повеќекратните повици за решение кое предвидува две посебни држави.
Гаит Ал-Омари, експерт од Вашингтонскиот институт, смета дека посетата не сигнализира никаква промена на американската позиција кон израелско-палестинскиот конфликт, но убеден е дека разговорот со Махмуд Абас нема да биде пријатен.
Аналитичарите оценуваат и дека со оваа посета на Блинкен, Вашингтон дава до знаење дека сака итно да се поврзе со Нетанјаху, со кого администрацијата на демократскиот претседател Џо Бајден од почетокот има затегнати односи.
Пред посетата на Блинкен на Израел, советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан го увери израелскиот премиер за американската поддршка за Израел.
За време на денешната посета на Египет, кој ужива дарежлива американска воена помош, Блинкен ќе се сретне и со претставници на граѓанското општество кои потсетуваат дека дури 60.000 политички затвореници тлеат во египетските затвори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ерменскиот премиер: Војната може да започне до крајот на неделата
Доколку Ереван не ги исполни барањата на Баку за враќање на пограничните села на Азербејџан, кои Ерменија ги смета за своја територија, може да избие војна, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
„Нашата задача е да имаме граница која ќе стане бариера од меѓународна гледна точка и де јуре, а пукањето на оваа граница нема да биде прифатено, ќе изградиме патишта, ќе им обезбедиме на жителите на пограничните села се што им треба. Онаму каде што е потребно, ќе платиме дополнителен надомест. Но, сакам да опишам друго сценарио. Можеме да заминеме одовде, да заминеме и да кажеме различни работи. Тоа значи дека до крајот на неделата ќе започне војната“, посочи Пашинјан.
Тој додаде дека дури знае како ќе заврши таквата војна, односно дека ќе го пречекаат на Плоштадот на Републиката во Ереван, каде граѓаните ќе му замеруваат за неговата неактивност, иако ги имал потребните информации, пренесува РИА Новости.
Прес-службата на вицепремиерот на Азербејџан Шахин Мустафаев на 9 март објави дека Баку бара ослободување на селата за кои тврди дека биле окупирани од Ерменија, како дел од процесот на демаркација.
Истовремено, азербејџанската страна не ги признава извештаите кои кружат во ерменските медиуми дека наводно 31 село се под окупација на Азербејџан.
Ерменските власти забележаа дека при демаркацијата ќе биде неопходно да се земе предвид постоењето на конкретни територијални ентитети, имено ерменската енклава Арцвашен на територијата на Азербејџан и азербејџанската енклава во Ерменија.
Пашинјан смета дека овој предлог на Баку е неприфатлив поради патиштата кои минуваат низ ерменската енклава и го поврзуваат Ереван со Иран и Грузија.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев изјави во декември 2023 година дека азербејџанската страна не сака војна со Ерменија, а целосната контрола над азербејџанската територија е суверено право на Баку.
Коментирајќи ја изјавата на Пашинјан, портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, на каналот Телеграм напиша дека моменталната ситуација е резултат на консултациите на Ереван со Западот и на никаков начин не е поврзана со Русија.
Свет
Вонредна состојба во регион во Русија, поради несреќа во рудник затрупани 13 лица
Во Амурската област, на рускиот далечен исток, воведена е вонредна состојба поради инцидентот во рудникот за злато „Пионир“, во областа Зеја, каде 13 лица останаа заробени под урнатините поради пад на карпа, соопштија од тој регион.
„Во Амурската област е воведена регионална вонредна состојба поради инцидентот во рудникот Пионир во областа Зеја со цел да се мобилизираат сите сили и ресурси. Оваа одлука е донесена на вонредна седница што ја одржа регионалниот гувернер“, се вели во соопштението на локалната самоуправа.
Претставник на службата за вонредни состојби за РИА Новости изјави дека во рудникот во моментот на уривањето имало 13 лица. Групата спасувачи, главно од Руската Република Јакутија, се состои од 25 вработени, а со нив пристигнале и четири парчиња опрема.
Покрај тоа, хеликоптерот Ми-8 на руското Министерство за вонредни ситуации полета од територијата Хабаровск до местото на несреќата, пренесува Интерфакс. Од оперативните служби за Интерфакс велат дека, според првичните информации, луѓето се на длабочина од 100 до 150 метри, а засега нема информации за можни жртви.
Свет
Силен земјотрес го погоди Пакистан
Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди провинцијата Белучистан во Пакистан, соопшти германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ).
ГФЗ додаде дека земјотресот бил на длабочина од 10 километри, пренесува Ројтерс.
Засега нема информации за жртви, а не се знае и колкава е штетата предизвикана од земјотресот.