Свет
Шојгу: На Русија не ѝ треба воен буџет како на САД, ние не напаѓаме никого
Иако американскиот воен буџет е десет пати поголем од рускиот, Русија доста ефикасно им се спротивставува на САД, благодарение на својата наука, индустријата и новите достигнувања, но нам не ни требаат повеќе средства затоа што немаме намера да нападнеме никого, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, во интервју за „Московски комсомолец“.
„САД трошат големи суми пари на приватни компании, носачи на авиони, а имаат и 170 бази ширум светот. Само за операцијата во Авганистан, САД имаат трошоци што се речиси еднакви со годишниот буџет за одбрана. Но, дали Русија има потреба од пет или десет носачи на авиони, ако никого не сака да нападне“, запраша Шојгу.
Според него, јасно е дека воениот буџет на Русија не може да се спореди со тој на САД, кој е десет пати поголем, додавајќи дека Русија според тој индикатор е дури седма земја во светот.
„Најважно е дека ние сме доста ефикасни во воените расходи, кои многу прецизно се трошат и кои внимателно ги следи нашиот врховен командант“, кажа Шојгу.
Во рамките на интервјуто, рускиот министер укажува и на, како што вели, практиката на Западот да го уништи кој било правен авторитет што не им одговара, во која било земја, под изговор дека сакаат да промовираат демократија.
„Која земја демократски заживеа по американска воена интервенција: Ирак, Авганистан или Либија? По секоја американска интервенција едноставно можете да заборавите на суверенитет и независност. И дали некого воопшто изненадува фактот што во Либија повеќето нафтени полиња припаѓаат на американски компании или компании кои се под американска контрола“, запраша Шојгу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД презедоа нови чекори за да се осигураат дека американската технологија за оружје нема да заврши во Русија
„САД побараа од американските компании да престанат да доставуваат стоки на повеќе од 600 субјекти во странство поради стравувањата дека нивните производи би можеле да бидат пренасочени во Русија и да се користат во инвазијата на Украина“, изјави вчера американски функционер.
Американското Министерство за трговија издаде писмени предупредувања до најмалку 20 компании во последните недели, што е последен обид да се запрат руските воени напори во Украина, изјави претставник на Министерството за трговија.
Имено, овие компании произведуваат и продаваат компоненти пронајдени во проектили и дронови на украинска територија.
Откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, САД и повеќе од 30 други земји воведоа серија санкции со цел да ги ослабат руските борбени способности за да го спречат пристапот до западната технологија. Сепак, американските компоненти сè уште се наоѓаат во руското оружје оставено на бојното поле во Украина, забележува Ројтерс.
„Во последните неколку недели испративме писма на адресите на повеќе од 20 американски компании, а секоја содржи список со повеќе од 600 странски субјекти“, рече помошникот државен секретар Метју Акселрод на годишната конференција за контрола на извозот.
„Во нашите писма баравме американските компании доброволно да престанат да снабдуваат стоки за овие земји поради високиот ризик од нивно пренасочување кон Русија“, истакна Акселрод.
Акселрод рече дека одредени американски претставници, исто така, директно контактирале со лидерите на американските компании за да разговараат за понатамошните чекори што може да се преземат за да се спречи нивните производи да завршат во Русија.
Регион
Почна нова детална потрага по Данка, пристигнаа спасувачки екипи со куче
Две специјалистички спасувачки екипи од Белград и Нови Сад, Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, синоќа пристигнале во Бањско поле и рано утринава започнале детално пребарување на просторот околу куќата пред која исчезнало двегодишното девојче.
Екипите се состојат од 18 пожарникари-спасувачи со 5 теренски возила и едно куче.
Припадниците на српската полиција во континуитет ги преземаат сите мерки и дејствија за пронаоѓање на девојчето и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување, информираат од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Што правеа багерите вчера околу куќата од каде што исчезна Данка
Вчера околу куќата каде исчезна Данка во Бањско поле имаше два багери.
Според Телеграф.рс, багерите првенствено работеле на расчистување на теренот бидејќи куќата била опкружена со депонија, па полицијата за полесни претреси го расчистува просторот од гломазен и друг отпад.
„Сечат дрвја и го отстрануваат отпадот бидејќи околу куќата има депонија“, јави репортер од местото на настанот.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.