Европа
Шпанија ја продолжи вонредната состојба
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, синоќа обезбеди доволно гласови за да ја продолжи вонредната состојба уште две недели, дозволувајќи ѝ на владата, која полека ги олеснува мерките за изолација, да продолжи да го контролира движењето на луѓето.
„За“ продолжување на вонредната состојба, кое почнува в недела, гласале 178 пратеници, 75 биле против, додека 97 воздржани.
Во последните 24 часа во Шпанија, која е една од најпогодените земји во Европа од коронавирусот, се пријавени 244 смртни случаи, далеку помалку од речиси 1.000 починати на ден на почетокот на април, но строгите мерки катастрофално влијаат врз економијата и резултираа со големи загуби, а илјадници луѓе останаа без работа.
Тензиите во парламентот околу излезот од карантинот покажаа колку голем политички јаз има во земјата во која се одржаа четири изборни процеси во четири години и каде владата треба да работи напорно за да добие каква било поддршка.
„Укинувањето на вонредната состојба би било непростлива грешка“, рече Санчез пред парламентот, потсетувајќи дека благодарение на владината уредба за вонредната состојба, издвоени се милијарди евра за да им се помогне на компаниите и поединците погодени од кризата.
Преку четири фази, владата има намера да ја доведе Шпанија во „новата нормална ситуација“ на крајот на јуни.
Со 220.325 заразени лица, Шпанија е земја со најголем број случаи во Европа, но минатата недела стапката на ширење на инфекцијата се намали. Досега починаа 25.860 луѓе, а излекувани се 126.000. Од вирусот заболеле 44.000 здравствени работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.