Европа
Шпанците негодуваат на владината одлука за ограничување на температурите на клима-уредите
Одлуката на шпанската влада да им забрани на граѓаните клима-уредите да се поставуваат на температура пониска од 27 Целзиусови степени во канцелариите, продавниците и другите бизниси во текот на летото, предизвика бран на огорченост во земјата, пишуваат тамошните медиуми.
Оваа одлука се објаснува со плановите за намалување на потрошувачката на енергија во земјата и ограничување на зависноста од рускиот гас.
Со оваа уредба, која беше објавена во вторникот наутро, се забранува и греењето да се постави на температура повисока од 19 степени во зима.
Правилата ќе бидат задолжителни во сите јавни и комерцијални објекти, вклучувајќи барови, кина, театри, аеродроми и железнички станици, а за шпанските домаќинства важат како препорака.
„Сега, особено со оглед на топлотниот бран што го доживуваме, мислам дека ќе биде многу топло на 27 степени. Можеби би помогнало да се 25 степени, но не и 27“, изјави Андреа Кастиљо од Универзитетот Кастелон за „Еуроњуз“.
Лаура Берге, работник во јавниот сектор во Валенсија, ја доведува во прашање практичноста на ова ограничување.
„Општо земено, тоа може да се направи на 27 степени, но за да се постигне таа температура во топли подрачја, треба да ја намалите температурата на клима-уредот на 22 или 23 степени за неколку часа“, изјави таа за „Euronews“.
„Доколку температурата беше трајно ограничена на 27 степени, клима-уредите ќе требаше да се вклучат многу порано, што би било контрапродуктивно во однос на заштедата на енергија“, објаснува таа.
Со тоа се согласува и нејзината колешка Марија Изабел Руис.
„Јас сум за заштеда на енергија, а тоа бара жртви, но овие предложени температури не се соодветни“, вели таа.
„Треба да се воведе опсег од два или три степени на разлика за да се прилагодат температурите внатре со оние надвор, бидејќи секој регион во Шпанија е различен“, додава таа.
Владата го усвои овој закон како дел од напорите за намалување на потрошувачката на гас во земјата за седум отсто во согласност со новите енергетски договори на Европската Унија, чија цел е ограничување на зависноста од рускиот гас.
„Јасно ни е дека овој потег придонесува за заштеда на енергија и е добар за климатските промени, но се плашиме дека ќе има влијание врз многу семејства, особено на најранливите“, вели Ана Изабел Гарсија, секретар за социјална политика и домување во шпанскиот синдикат.
„Наместо да се донесат глобални мерки, тие да се прецизираат за различни објекти кои ќе имаат различни температури. Не е исто да се работи, на пример, на место каде што има многу машини, а температурата е многу висока и во друга средина каде што тоа не е случај“, објаснува таа.
Шпанската министерка за животната средина, Тереза Рибера, рече дека мерките – кои вклучуваат исклучување на светилките на излозите по 22 часот, но не и улично осветлување – првично ќе бидат во сила до ноември 2023 година.
Таа ги охрабрува Шпанците да се приклучат на заштедите и вели дека тоа не само што ќе го намали нивото на потрошувачка, туку и ќе ги намали сметките за енергија во домаќинствата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.